• недела, 22 декември 2024

Пред Курбан бајрам во Дебарско продадени околу 2000 грла овни за курбан

Пред Курбан бајрам во Дебарско продадени околу 2000 грла овни за курбан
Дебар, 8 јули 2022 (МИА) - Во пресрет на одбележувањето на големиот муслимански празник Курбан бајрам, по традиција, деновиве најбаран на пазарот во Дебарско е добитокот, односно овните. - Пред празникот Курбан бајрам, чие одбележување почнува утре, верниците, кои тоа може да си го дозволат, принесуваат курбан. Деновиве почнавме со продажба на овни и до денеска сме продале околу 2000 грла, што е 90 отсто од планираниот број. Во зависност од тежината и возраста едно грло го продаваме од 100 до 150 евра. Освен дебрани, купувачи се и жителите од долнореканските села, општина Маврово и Ростуше, како и помал број од општина Центар Жупа, бидејќи и таму има пазар, изјави за МИА Скендер Аме, претседател на здружението на сточари „Даши“. Додава дека во бројката се вклучени и оние кои ги купува муфтиството од средствата што верниците кои одлучиле да дадат курбан ги доставуваат во муфтиството, кое потоа купува и го разделува курбанот. Според верниците, курбанот се коли првиот ден од празникот, по што месото се распределува на сиромашни семејства. Овој празник, кој се одбележува четири дена, се нарекува уште и Аџи Бајрам, бидејќи на светите места Мека и Медина во Саудиска Арабија, се реализира аџилакот - петтиот столб на исламот. Од нашата држава на аџилак се 919 верници, од нив 12 од дебарското муфтиство, кое ги опфаќа општините Дебар, Центар Жупа и Маврово Ростуше. вт/хс/

Остани поврзан