• петок, 22 ноември 2024

Превозниците од Куманово сметаат дека одлуката за пакет линии е незаконска

Превозниците од Куманово сметаат дека одлуката за пакет линии е незаконска
Куманово, 14 март 2022 (МИА) - Дел од превозниците од Куманово сметаат дека одлуката на советот на општина Куманово за воведување пакет линии на спојување на атрактивните со неатрактивните линии е незаконска, соопшти на денешната прес-конференција правниот застапник на дел од превозниците, Виктор Божиновски.
Советниците на последната седница изгласаа измена на одлука за општински линиски превоз со која превозниците кои ќе ги добијат атрактивните градски линии ќе бидат должни да вршат превоз и во неатрактивните рурални средини. Божиновски смета дека градоначалникот треба да донесе нов управен акт, како што е задолжен од второстепениот орган.
- Би го повикал градоначалникот да донесе нов управен акт како што е задолжен од страна на второстепениот орган, Министерството за транспорт и врски со кој ќе ги додели линиите на претпријатијата коишто ги исполнуваат во целост условите од распишаниот оглас, врз основа на првичната одлука од декември. Во спротивно целата одговорност паѓа на градоначалникот и општинската администрација и повторно може да се случи доколку се распише нов оглас, повторно рок за поднесување нови понуди, рок за носење решенија, жалби и овој процес ќе трае најмалку уште три месеци, граѓаните нема да имаат превоз, ниту учениците, изјави Божиновски. Тој посочи дека доколку не се донесе ново решение согласно Законот за општа управа постапка, ќе следи жалба поради молчење на управа. -Во тој случај, конечна одлука носи Министерство за транспорт и врски. Втората работа е што веднаш по објавувањето во службен гласник, веројатно денеска ќе биде поднесен поднесок до Државниот управен инспекторат заради незаконската одлука на Советот на општина Куманово и трета работа која ќе следи бидејќи во овој период очигледно заради неадекватното решавање во консултација со моите клиенти ќе следат тужби против општината за надомест на штета, односно изгубена добивка заради невршење на дејноста во овој период, додаде Божиновски. Тој напомена дека за линиите за кои никој не се јавил, можело претходно со одлука да се групираат и сега не можат да бидат дел од оваа одлука. Божиновски додава дека објавувањето на возниот ред е обврска на општината, не на превозниците. Правниот застапник на дел од кумановските превозници вели дека одлука за уредување на линискиот превоз можело да се донесе пред одржување на локалните избори, уште во септември лани. За него и превозниците е нејсано зошто е донесна поинкава одлука, иако превозот во Куманово функционира од 2011. - Не може да се каже дека превозниците се виновни, затоа што нема општински линиски превоз кога општината сама не си ја завршила својата работа на време. Одлуката за изменување и дополнување на одлуката за општински линиски превоз е донесена последниот петок е апсолутно незаконска. Народски кажано правилата не се менуваат во сред натпревар. Она што се случува сега се носи нова одлука со која се изменува одлуката од декември иако постапката по таа одлука и по јавниот оглас кој е распишан врз основа на таа одлука сè уште трае, вели Божиновски. Тој обвини дека градоначалникот на Куманово формирал Комисија која фаворизирала компанија на која при отварање на понудите и недостигале документи. - Одлучувајќи по жалбите, Министерството донесе решение за неколку линии со кои се поништуваат одлуките на градоначалникот и постапката повторно се враќа на новоодлучување на градоначалникот, како надлежен првостепен орган. Тука настанува проблемот, бидејќи досега од денот на приемот на второстепената одлука односно враќање на предметот согласно одредбите градоначалникот мора да донесе нов управен рок во најкус рок, и тоа почитувајќи ги сите напатствија. До денеска ваква одлука нема, наместо тоа се оди со носење на незаконска одлука со изменување на првичната одлука од декември со која се менуваат правила иако оваа постапка сè уште не е завршена. Таа постапка мора да заврши или со носење на нов акт или може и да не донесе акт но во тој случај странките имаат право на жалба заради молчење на управата. Секако оваа постапка ќе мора да заврши и оттука произлегува незаконитоста на советот, вели Божиновски. Тој кажа дека некои училишта немаат превоз и наскоро нивниот број ќе се зголеми. Претходно, советниците изгласаа одлука за воведување пакет линии. Градоначалникот на Куманово, Максим Димитриевски во дискусиите со советниците кажа дека граѓаните трпат штета и претходно не биле задоволни од линискиот превоз кој, како што кажа се спроведувал нередовно. Во една од изјавите Димитриевски обвини дека дел од превозниците се посилни од системот. Со новата одлука, дециден е кумановскиот градоначалник, превозниците ќе мора да понудат возила со екостандарди, почесто тргнување и заминувања. Според Димитриевски, важно е оние кои ќе ги добијат атрактивните линии да обезбедат превоз и за оние кон селата, на кои и покрај објавените два огласи немаше заинтересирани. Кумановци еден месец беа без превоз. Подоцна беа доделени 15 линии. Граѓаните од населбите за кои се уште нема линиски превоз плаќаат и поскап такси превоз за 20 денари.ам/бт/

Остани поврзан