• понеделник, 04 ноември 2024

Прв академски час на Правен факултет

Прв академски час на Правен факултет
Скопје, 3 октомври 2022 (МИА) – Правниот факултет и покрај сериозната конкуренција дефинитивно останува еден од најдобрите инкубатори на кадри што овозможува гаранција во квалитет. Правниот факултет со својата строгост, почит и квалитет и натаму останува најдобрата и најстарата правна институција во македонската држава.
Ова го порача министерот за правда Никола Тупанчески пред бруцошите на првиот академски час на Правен факултет „Јустинијан Први“ во Скопје, нагласувајќи дека од новата генерација на студенти очекува да претставува ренесансна генерација на која што навистина ќе и се даде можност, ќе го добијат потребниот квалитет за да ги отстранат, како што рече, анулираат или редуцираат оние негативни работи коишто се случуваат во правосудството воопшто.
- Истовремено тоа би значело уште една инфузија дополнителна за зголемување на довербата во правосудството, меѓутоа и истовремениот младиот дух од една страна и ентузијазмот којшто го поседуваат овие млади луѓе коишто денес бевме сведоци дека не се во мал број на некој начин воспоставуваат едно ново ниво околу остварувањето на зацртаните нивни цели коишто всушност претставуваат истовремено и подобрување на состојбите во нашата држава, изјави Тупанчевски.
Правото и правната наука е нешто величенствено, рече Тупанчевски во своето обраќање, нагласувајќи голем дел од познатите личности низ историјата и денес имаат допирни точки и сериозна врска со правото и правната наука, посочувајќи ги како студенти по право Махатма Ганди, Нелсон Мандела, Хулио Иглесиас, Фидел Кастро, Достоевски, Толстој, Путин...
Пред своите идни колеги Тупанчевски, потсети и на латинските максими, кои, како што рече му даваат посебен белег на правото - „sub lege libertas“, „dura lex sed lex“ и „Audiatur et altera pars“ - што значи дека нормата треба да се толкува во рамки на законот, неселективноста во правото и да се слушне и другата страна.
- Очекува од Вас дека навистина ќе бидете во рамки на законот. Нема да бидете недозволено креативни, а во казненото право тоа се нарекува злоупотреба, изјави Тупанчевски.
Деканот на Правен факултет Сашо Георгиевски, изрази задоволство што наставата оваа академска година ќе се изведува со физичко присуство, а на бруцошите им порача дека отвораат една прекрасна приказна во својот живот, исполнети со дружење, расправи, анегдоти, љубов и пријателства што ќе следат во годините.
Првиот академски час на Правниот факултет беше отворен со изведба на хорот при Академското културно-уметничко друштво „Мирче Ацев“ Скопје.
На Правен факултет во прва година во учебната 2022/23 се запишани 286 студенти од кои на правни студии се околу 230, на новинарство 18, односи со јавност 14 и 19 студенти на политички. аа/ац/

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан