• петок, 03 јануари 2025

По осум години, Анџелина Џоли и Бред Пит се договорија околу разводот

По осум години, Анџелина Џоли и Бред Пит се договорија околу разводот

Лос Анџелес, 31 декември 2024 (МИА) - Анџелина Џоли и Бред Пит постигнаа договор за нивниот развод по осум години правна битка, изјави адвокатот на американската глумица за тамошните медиуми.

- Пред повеќе од осум години, Анџелина поднесе барање за развод од г-н Пит. Таа и децата го напуштија заедничкиот имот и оттогаш му се посвети на барањето мир и закрепнување за целото нејзино семејство. Ова беше долг процес што почна пред осум години. Анџелина е исцрпена, но чувствува и олеснување што овој дел (од животот) е зад неа сега, рече адвокатот Џејмс Сајмон.

Џоли и Пит беа еден од најпознатите парови во Холивуд. Во нивните 12 заеднички години, заедно имаа шест деца.

Во 2016 година, адвокатот на Анџелина објави дека барањето за развод е поднесено, наведувајќи ги „непремостливите разлики“ како причина. Со тоа заврши нивниот двегодишен брак, на којшто му претходеше десетгодишна врска. Џоли и Пит тогаш изјавуваа дека приоритет им е благосостојбата на нивните деца: Медокс, Пакс, Захара, Шајло, Вивиен и Нокс.

Набргу по објавата за раводот, социјалните служби покренаа истрага поради наводите дека Бред, под дејство на алкохол, физички го нападнал најстариот син Медокс. Двојката се согласи на привремени мерки што го ограничуваа контактот на Бред со децата, со надгледувани посети, и со услов тој да присуствува на психолошко советување и на редовно тестирање за супстанции.

Социјалните служби на крајот заклучија дека Пит не се однесувал насилно кон Медокс. Тогаш глумецот побарал и судските документи од бракоразводната постапка да не бидат достапни за јавноста, но тоа барање е одбиено. си/рп/

Фото: МИА архива

Остани поврзан