По закрепнувањето, нафтениот и гасниот гигант Шел планира откуп на акции
- Компанијата денеска извести за нето приход од 11.5 милијарди долари или 1.50 долари по акција во четвртиот квартал од 2021 година. Таа изгуби четири милијарди долари или 0.52 долари по акција
Амстердам, 3 февруари 2022 (МИА) - Нафтениот и гасен гигант Шел планира да потроши милијарди долари за програмата за откуп на акции, по силното закрепнување на работењето минатата година, јави ДПА.
Компанијата денеска извести за нето приход од 11.5 милијарди долари или 1.50 долари по акција во четвртиот квартал од 2021 година. Таа изгуби четири милијарди долари или 0.52 долари по акција во истиот квартал една година претходно.
Според компанијата, нејзината заработка во четвртиот квартал, е одраз на повисоките придонеси од тргувањето и оптимизацијата со течен природен гас (ЛНГ), како и повисоките остварени цени на нафтата, гасот и на ЛНГ.
Заработката, пред оданочување, за четвртиот квартал беше 16.3 милијарди долари.
Прилагодената заработка беше 6.4 милијарди долари, или, 0.83 долари по акција во четвртиот квартал, во споредба со 393 милиони долари или 0.05 долари по акција минатата година.
Приходите за кварталот се речиси двојно зголемени на 85.3 милијарди долари, од 44 милијарди долари во претходната година.
Вкупните приходи и друга заработка скокнаа на 90.2 милијарди долари, од 45 милијарди долари минатата година.
Дополнително, Шел објави откуп на акции од 8.5 милијарди долари во првата половина на 2022 година. Компанијата има намера да го заврши откупот до резултатите од вториот квартал, кој е закажан за 28 јули 2022 година. бд/сд/