• понеделник, 23 декември 2024

Почнува постапка за изградба на првата катна гаража во центарот на Штип

Почнува постапка за изградба на првата катна гаража во центарот на Штип
Штип, 21 јуни 2022 (МИА) - Општина Штип деновиве ќе распише идејно решение за изградбата на првата катна гаража, на просторот зад Центарот за култура „Ацо Шопов“-Штип. Градоначалникот, Иван Јорданов истакна дека катната гаража на оваа локација очекува да биде комплетно изградена до крајот на годината. Посочи дека ќе се внимава и изградбата на овој објект да не го загуши просторот или да им попречи на останатите објекти. -Ние имавме изборно ветување дека во централното градско подрачје ќе изградиме две катни гаражи, на две локации. Во моментот работиме за подготвување на соодветна документација, промена на детален урбанистички план и изработка на прокет за три локации во централното градско подрачје за изградба на катни гаражи. Веќе е извесно дека најбрзо, на потегот позади Домот за култура кое се користи, како паркинг ќе биде поставена првата катна гаража, која неколку кратно ќе ја зголеми површината за паркирање. Јас се надевам дека до крајот на оваа година истата таа локација ќе биде збогатена со катна гаража, вели Јорданов. За останатите две локации ќе се чека промената на Деталниот урбанистички план, за да се утврди локацијата каде истите ќе бидат изградени. Јорданов додоаде дека промената на ДУП ќе биде во најбрз можен период. -За останатите локации се работи веќе на промена на ДУП за да може да се предвиде катна гаража, тоа би било некаде во следните години од мојот мандат, рече  Јорданов. Промената на Деталниот урбанистички план зависи и од други  институции, но Јорданов е оптимист дека наскоро тоа ќе се случи и Штип ќе добие катни гаражи на три локации.вдј/свс/

Остани поврзан