• четврток, 21 ноември 2024

Почна оскаровската вечер, шестемина од „Медена земја“ меѓу ѕвездите во Холивуд

Почна оскаровската вечер, шестемина од „Медена земја“ меѓу ѕвездите во Холивуд
Скопје, 10 февруари 2020 (МИА) – Во  Лос Анџелес почна  вечерта на Оскарите со минување на филмските ѕвезди по црвениот тепих пред театарот „Долби“ како увертира на гламурозното шоу. Нашата екипа  - режисерите Тамара Котевска и Љубомир Стефанов, снимателите Фејми Даут и Самир Љума, продуцентот и монтажер Атанас Георгиев и протагонистката  во филмот – пчеларката Атиџе Муратова  пред тргнувањето кон „Долби“ објави на Фејсбук фотографија со порака: „Во моментов тимот на „Медена земја“ оди кон церемонијата на доделувањето на Оскарите. Упатуваат голема благодарност до сите поддржувачи на филмот!“ Она што во филмскиот свет е најочекуван настан во годината, за нашата земја е настан што се чека четврт век бидејќи по толку време македонски филм повторно е во трка за Оскар, овојпат во две категории – документарец и странски филм. Екипата на „Медена земја“  и протагонистката во филмот Атиџе Муратова се меѓу холивудскиот крем на 92-рото доделување на престижните награди.  Деновиве авторите имаа средби и презентации во Лос Анџелес каде што вечерва ќе бидат познати лауреатите во 24-те категории за најдобри остварувања во 2019  година. Возбудени од исчекувањето на одлуките не се само шестемина заслужни за успехот на филмот, туку и домашната јавност која, и покрај деветчасовната временска разлика, ноќеска будно ќе го следи епилогот од гласањето на членовите на Американската филмска академија. За поддршка и среќа на нашиот филм се навива и во Младинскиот културен центар кој уште по објавата на номинациите во јануари најави дека ќе биде домаќин на  организирано следење на преносот од 92-те Оскари. По три години снимање, светската премиера на „Медена земја“ (Honeyland)  беше ланскиот јануари на фестивалот „Санденс“ каде освои три награди во конкуренција на уште 11 документарци. Филмот за пчеларката Атиџе, која живее во напуштено село и со своите пчели подеднакво го дели медот, досега има 30-ина награди на фестивали. Продукцијата е на „Аполо медиа“ и „Трис филмс“, поддржан е од Агенцијата за филм и беше реализиран во рамки на проект на Швајцарската агенција за развој и соработка за зачувување на природата во Македонија. Средбата на филмската екипа со Атиџе од селото Бекирлија била случајна и ја сменила првичната идеја да снимаат по долината на Брегалница. Приказната-алегорија на една глобална слика, каде хуманото и натуралното се борат да преживеат, се отворила пред светот преку жената која случајно ја сретнале. Нејзиниот едноставен живот кој со креативноста на пет луѓе е преточен во 85-минутен филм, во изминатата година го обиколи светот и вечерва стигна до Холивуд. На чекор е до најпознатата и најпосакувана филмска награда. хс/са/

Остани поврзан