• понеделник, 23 декември 2024

Почна втората зимска школа на Семинарот за македонски јазик со учество на над 40 странски македонисти и слависти

Почна втората зимска школа на Семинарот за македонски јазик со учество на над 40 странски македонисти и слависти
Скопје, 24 јануари 2022 (МИА) - Над 40 странски македонисти и слависти од седумнаесет земји од денеска до 29 јануари ќе учествуваат на втората зимска школа на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, што ќе се одржува виртуелно на платформата Зум. - Со оваа втора зимска школа сакаме да покажеме дека сме подготвени и таа да стане еден вид традиција и тоа токму во годината кога Меѓународниот семинар за литература и култура ќе прослави 50 години од отпочнување на работа на некогашниот семинар за македонски јазик, порача ректорот на УКИМ, проф. д-р Никола Јанкуловски во обраќањето на свеченото отворање на школата, што се одржа утрово. По јубилејната година на Блаже Конески, ректорот на УКИМ најави дека исто така и 2022 година ќе биде година на некој јубилеј, што соодветно ќе се одбележи. - Вие со вашата страст за изучување на македонскиот јазик, со вашата посветеност да ја читате македонска литература, да ја запознаете македонската култура, музика, филм, театар, правите оваа мисла Петрева да зрачи не само во нашите, туку и во вашите срца. Драги лектори, без вашата подготвеност за настава на далечина и стручност немаше да биде оваа школа. Познавајќи ја вашата посветеност и професионалност знам дека ќе им го дадете од срце сето свое знаење умеење на слушателите на секојдневните лекторски часови, вели во своето обраќање проф. д-р Весна Мојсова-Чепишевска, директорка на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура. Учесниците на школата од Австралија, Бугарија, Велика Британија, Грција, Италија, Полска, Руската Федерација, Соединетите Американски Држави, Словачка, Словенија, Србија, Турција, Унгарија, Франција, Хрватска, Чешката Република и Швајцарија, ќе започнат со интензивна работа секој ден, од денеска до сабота. За секоја група ќе се одржуваат по шест часа. Организирани се лекторски групи за сите нивоа – почетно, средно и напреднато – со две поднивоа, за јазик, и за литература. Наставата за групите ќе ја изведуваат лекторите доц. д-р Гордана Алексова - за напреднато ниво на познавање на македонскиот јазик, проф. д-р Борче Арсов и доц. д-р Бобан Карапејовски - средно ниво на познавање на македонскиот јазик и м-р Марија Пандева - основно ниво на познавање на македонскиот јазик, како и асс. м-р Иван Антоновски - напреднато ниво за литература. По завршувањето на програмата предвидена за школата, ќе се одржи виртуелна средба на учесниците и пополнување на книга со впечатоци, што ќе овозможи насоки и видувања за идните активности на Семинарот. Зимската школа првпат се одржа минатата година, како прва активност во рамките на програмата за одбележување на големиот јубилеј, 100 години од раѓањето на Блаже Конески и значајно дополнување на редовните активности на Семинарот, покрај Летната школа, којашто традиционално се одржува во Охрид и годинава ќе одбележи јубилеј – 55 години. ки/сп/

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан