• понеделник, 23 декември 2024

Потребен е развој на технологијата за подобар свет на лицата со оштетен вид

Потребен е развој на технологијата за подобар свет на лицата со оштетен вид
Скопје, 21 август 2022 (МИА) - Развиената технологија овозможува подобар живот за сите, но таа има „моќ“ да го направи светот уште подостапен за слепите лица. Сепак, прашање е колку земјите во развој може да им овозможат на овие лица понезависен живот од било кога, токму со помош на технологијата. Суарет Алиша од коалицијата „Менуваме“ за МИА вели дека нашата држава сè уште не е целосно подготвена да одговори на предизвиците и да ја искористи напредната технологија, поради слабиот развој. Појаснува дека во развиените земји се користат апликации и технологии, кои доколку Северна Македонија покаже „интерес“  може да бидат достапни и кај нас. - Постои говорната апликација Џос како пример за слепите лица. Со помош на таа апликација она што вие го гледате, Џосот го конвертира на тонски звук. Тој може да се синхронизира и на македонски јазик, но државата не собра сили да направи нешто, вели Алиша. Оценува дека во светот е развиена далеку подобра технолошка култура. - Постојат виртуелни асистенти кои му помагаат на слепото лице да функционира во просторот без проблем. Тоа го има развиено во Индија. Верувам дека може и тука да се развие таа апликација каде паметните уреди се водач на слепите лица. Има и технологии коишто овозможуваат дигитална писменост за деца со различна попреченост, но ние како држава сме настрана од тоа, многу сме назад, оценува Алиша. Едно од поновите усовршени помагала за слепите лица е токму смарт стапот кој се повеќе се користи ширум светот, бидејќи има вграден тонски звук кој му кажува на лицето што се наоѓа околу него. -Бидејќи смарт стапот е големо олеснување за овие лица, она за што како организација разговаравме со министерот за здравство изминатиот период, беше тоа да биде на товар на Фондот за здравство и се надеваме дека наскоро Фондот ќе го направи смарт стапот подостапен за овие лица, истакнува Алиша. Вели дека со развиената технологија, исто така, може да им се помогне на овие лица и во образовниот процес, посочувајќи ги како пример паметните браеви таблети кои, како што вели, ние ги немаме. - Зборуваме за инклузивно образование, но какво е тоа инклузивно образование ако нема компјутер за слепото лице. Мислам дека веќе е време да се изменаџираат подобро некои работи и лицата да имаат подобар пристап до развиените технолошки уреди, смета Суарет Алиша. За да го направиме светот поотворен и поповрзан, мораме да поврземе луѓе од сите потекла и способности, а таа поврзаност несомнено може да резултира со поголема самодоверба кај слепите лица, односно лицата со попречености. - Ние немаме некоја добра алатка која ќе служи во образованиетоза да може да ги надминеме попреченостите односно нервно развојните проблематики со кои се соочуваат родителите на овие дечиња, вели за МИА Моника Тончевска од коалицијата „Менуваме“. Креирањето и користењето на визуелната содржина предизвик за слепите лица во нашата држава Секој ден, луѓето поставуваат и споделуваат повеќе од две милијарди фотографии на „Фејсбук“ , „Инстаграм“ и други слични социјални платформи. И додека визуелната содржина обезбедува забавен и експресивен начин за луѓето да комуницираат онлајн, таа понекогаш создава и предизвици за луѓето со слепило. Како резултат на тоа, некои луѓе може да се чувствуваат изолирани и фрустрирани кога не можат целосно да учествуваат во интеракцијата. Бојан Кордалов, кој е специјалист за односи со јавност и нови медиуми, за МИА вели дека ако се користи правилно, дигитализацијата ја зајакнува демократијата, оневозможува дел од луѓето да бидат оставени настрана или да бидат дискриминирани. - Дигитализацијата бара еднакви можности за сите, а тоа е пристап до компјутери, квалитетни паметни телефони и брз интернет. Доколку ова не биде овозможено за секого, тогаш наместо за инклузивност, ќе зборуваме за уште поголем јаз, привилегирани наспроти непривилигирани граѓани, односно за огромна дискриминација и подвоеност во општеството, нагласува Кордалов. Според него, тука е предизвикот кој, како што вели, секое општество, односно власт и институции мора да го земат предвид. Посочува дека напредокот на интернетот и технологијата овозможуваат полесен и целосен физички пристап и до најнедостапните локации, напредок на медицината, достапност до извори на информации, образование, работни места... Во светот, развојот на технологијата се движи со нејверојатна брзина. Покрај смарт стапот, кој им овозможува на корисниците повеќе слобода за да ја истражуваат околината, се појавуват и други технолошки уреди. Едни од нив се 3Д звучните мапи. Станува збор за детална аудио мапа што го поврзува она што е во околината со лицето со оштетен вид. Има и екрани на допир на Брајово писмо кои работат на ист начин како таблетите и кои се покажаа како особено популарни меѓу учениците и наставниците.  Тука се и неверојатните електрични возила со вградена вештачка бучава. Автор: Симона Србиноска Видео и монтажа: Дарко Попов и Аслан Вишко

Остани поврзан