• петок, 22 ноември 2024

Потпишан меморандум за соработка со Хрватската агенција за супервизија на финансиските услуги (Ханфа)

Потпишан меморандум за соработка со Хрватската агенција за супервизија на финансиските услуги (Ханфа)

Скопје, 16 јули 2024 

Во рамките на предвидените активности кон стратегиската цел - Подобрување на капацитетот во насока на зајакнување на својата супервизорска и регулаторна улога во капитално финансираното пензиско осигурување, Агенцијата за супервизија на капитално финансирано пензиско осигурување – МАПАС, на 10 јули 2024 година беше гостин на Хрватската агенција за супервизија на финансиските услуги (Ханфа) во Република Хрватска. 

Целта на посетата беше воспоставување и отпочнување на соработката со Хрватската агенција за супервизија на финансиските услуги (Ханфа). Меморандумот за соработка беше потпишан од страна на претседателот на Советот на Експерти на МАПАС, Максуд Али и претседателот на Управниот совет на Ханфа, Анте Жигман.

Согласно Меморандумот за соработка, договорните страни ќе разменуваат искуства стекнати во полето на капитално финансираното пензиско осигурување, работењето на пензиските фондови, механизмите на супервизија на пензиските фондови и усвоената регулатива. Техничката соработка ќе се состои од размена на документи, билатерална помош со цел размена на искуства од заеднички  интерес, како и соработка во полето на едукација, истражување, обуки и развој од заеднички интерес.  

Ханфа и МАПАС се членки на ИОПС (Меѓународна организација на пензиски супервизори). Меморандумот за соработка ќе и помогне на Република Северна Македонија во процесот на усогласување на регулаторната рамка и зајакнување на административните капацитети со цел пристапување во Европската Унија. Посебен акцент ќе биде ставен на техничката помош преку програмите на ЕУ TAIEX и Twinning, каде што Ханфа може да обезбеди поддршка врз основа на минатите искуства.

Преку програмата TAIEX, во наредниот период ќе се одржат серија работни состаноци меѓу претставници на Ханфа и МАПАС. Во рамките на првата официјална посета на Загреб, по потпишувањето на меморандумот се одржа дводневна работна средба на којашто на претставниците на МАПАС им беа презентирани моделите за проценка на системскиот ризик што ги применува Ханфа и другите регулатори во ЕУ, главните области на супервизија на домашниот пазар на пензиски фондови, како и претходните активности на Ханфа во полето на едукација на граѓаните за важноста на пензиските заштеди.

Во следните години МАПАС ќе продолжи да ја унапредува воспоставената пракса на соработка заради одржување на успешна комуникација со другите супервизорски тела и релевантни органи и институции со цел тоа да придонесе кон одржување на стабилно и транспарентно капитално финансирано пензиско осигурување и унапредување на супервизијата на капитално финансираното пензиско осигурување.  

МАПАС 

_________________________________________________

МИА овие текстови ги објавува во интегрална и оригинална форма и не е одговорна за нивната содржина, ниту за евентуалните правописни недоследности или печатни грешки

фото МАПАС

 

 

Остани поврзан