• четврток, 04 декември 2025

Потпишан меморандум за соработка меѓу Детската клиника во Скопје и Центарот за детска онкологија „Принцеза Максима“ од Холандија

Потпишан меморандум за соработка меѓу Детската клиника во Скопје и Центарот за детска онкологија „Принцеза Максима“ од Холандија

Скопје, 1 јули 2025 (МИА) - Универзитетската клиника за детски болести во Скопје го потпиша меморандумот за соработка со Центарот за детска онкологија „Принцеза Максима“ од Холандија - најголемиот и најреномираниот центар за детски канцер во Европа, информираат денеска од Министерството за здравство.

Во рамки на посетата на делегацијата од Утрехт, остварена била и средба со министерот за здравство, Азир Алиу, кој дал поддршка на оваа значајна иницијатива.

Од Министерството појаснуваат дека ова партнерство има за цел унапредување на третманот за децата со рак во нашата земја преку обука и размена на медицински кадар, развој на терапевтски протоколи, воспоставување трансплантација на матични клетки, учество во клинички студии и воведување напредна молекуларна и геномска дијагностика.

- Импресионирани сме од амбициите на Центарот во Скопје. Ова совршено се вклопува во нашата програма за партнерство во Европа, се истакнува во пишаната изјава на проф. Роб Питерс од Центарот „Принцеза Максима“.

Во соопштението се нагласува дека Министерството за здравство останува посветено на развојот на современи здравствени решенија за најмладите пациенти. бд/са/

Фото: Министерство за здравство

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан