Поставен камен темелник за изградба на мега-парк во населба Радишани
- Премиерот Христијан Мицкоски, денеска, заедно со министерот за локална самоуправа Златко Перински и министерот за транспорт и врски Александар Николовски, како и градоначалникот на Општина Бутел, Дарко Костовски, присуствуваше на поставување на камен темелник на мега-парк во населба Радишани.

Скопје, 25 март 2025 (МИА) — Во населба Радишани денеска беше поставен камен темелник за изградба на мега-парк со површина од 10.000 метри квадратни, на кој присуствуваа премиерот Христијан Мицкоски, министрите за локална самоуправа и транспорт и врски, Златко Перински и Александар Николовски, како и градоначалникот на Општина Бутел, Дарко Костовски.
Како што истакна Перински, се работи за парк кој ќе се протега на 10.000 метри квадратни, од кои 6.000 ќе бидат зеленило, додека останатите 4.000 метри квадратни ќе бидат пешачки патеки, плоштад и детско игралиште со површина од 400 метри квадратни.
– Се работи за мега-парк кој ќе биде центар на случувањето овде во Радишани во иднина, мега-парк кој ќе понуди содржини и за најмалите и за најстарите и содржина која граѓаните изминатите години ја бараа да се реализира. За нас како Влада, ова не се само инфраструктурни проекти, туку доказ и основа за заложбата и посветеноста во насока на реализирање на проекти кои што се од исклучително значење за граѓаните и во таа насока секако и ќе продолжиме, рече Перински.
Посочи дека се работи за еден од 12. проекти кои Општината ги има аплицирано во првиот јавен повик.
– Ова е еден од 12-те проекти кои Општина Бутел ги аплицираше во првиот јавен повик, досега има поднесено 14 апликации и се надевам дека минимум уште толку во периодот којшто следи ќе поднесам и се надевам дека не само за Општина Бутел, туку за цела територија на државата ќе добие една ренесанса и ќе биде во насока на зголемвуање на квалитетот на сите наши граѓани, посочи Перински.
Премиерот Мицкоски му честиташе на градоначалникот Костовски за неговата заложба кон реализирање на проекти кои се во корист на граѓаните и ја нагласи поддршката која што Општина Бутел ја добива од страна на советниците, како и целата администрација во Општината, за, како што рече, сето ова хармонично да функционира.
– Да му честитам на градоначалникот, ќе ми дозволите, најпрвин за сето она кое што го прави изминатиов период за жителите во Општина Бутел. Мислам дека Општината со сите оние проекти коишто се реализираа и овие коишто ќе се реализираат или се во фаза на реализација, доживува навистина еден период на препород, нагласи Мицкоски.
Градоначалникот Костовски ги посочи и дел од проектите кои Општината ги реализира во моментов.
– Веќе во крајна фаза е реконструкција на коритото и изградба на нова пешачка патека, исто така уште еден простор каде што ќе можат да се рекреираат жителите на Општина Бутел, особено граѓаните во Радишани. Исто така, и во тој дел имаме околу 5.000 метри квадратни парковска содржина со зеленило. Би сакал да напоменам дека во моментов во населба Радишани се реконструираат три големи клучни сообраќајници кои се во крајна фаза, рече Костовски. ра/аа/
Фото: Влада