Поставен камен-темелник на новиот мост во село Цветово, општина Студеничани
- Во село Цветово, општина Студеничани денеска беше поставен камен-темелник на новиот мост.
Скопје, 19 декември 2024 (МИА) - Во село Цветово, општина Студеничани денеска беше поставен камен-темелник на новиот мост.
Првиот вицепремиер и министер за животна средина и просторно планирање Изет Меџити истакнал дека денеска почнува реализацијата на проект кој го побарале жителите на Цветово, а сега со инвестицијата на Министерството за животна средина ќе стане реалност.
-Денеска сме тука, во село Цветово, општина Студеничани, по повод поставувањето камен-темелник на новиот мост на влезот од селото, кој ќе опслужува околу 1000 жители од ова село, по долгогодишно барање на жителите, со оглед на тоа што постоечкиот мост е оштетен и е импровизиран мост, небезбеден за жителите, изјавил Меџити.
Општина Студеничани, посочил Меџити, аплицираше на Конкурсот за доделување средства за финансирање на проекти за животна средина и согласно одлуката за избор на програми, Министерството за животна средина и просторно планирање ја поддржа реализацијата на овој проект, кој ќе се реализира во неколку фази.
Градоначалникот на општина Студеничани, Азем Садику му се заблагодарил на Меџити за поддршката во овој проект и другите проекти каде општината аплицирала и добила позитивен одговор.
-Денеска е ден на радост за мене и за жителите на општина Студеничани. Ова беше многу стар проблем, а сега се отстранува пречката за слободно движење, бидејќи имало многу случаи кога поради поројните дождови, зголемувањето на нивото на реката било големо и претставувало пречка, потенцирал Садику.
Од Министерството за животна средина и просторно планирање посочуваат дека ги поддржувала проектите на општините кои аплицирале за подобрување на животниот стандард на граѓаните, додека во првиот квартал од следната година се очекува да започне нивната реализација, избрани по принципот според бројот на жители на општините. фф/нд/
Фото: МЖСПП