• понеделник, 23 декември 2024

Поставен вреќест филтер на оџакот во кочанската фабрика „Пејпар мил“

Поставен вреќест филтер на оџакот во кочанската фабрика „Пејпар мил“

Кочани, 31 март 2021 (МИА) - Фабриката за хартија „Пејпар мил“ од Кочани ја комплетираше последната фаза од поставувањето на таканаречен вреќест филтер за прочистување на воздухот од фините честички прав, со што се создаваат услови таа да продолжи со работа. 

Според информациите од фабриката, со неговото поставување значително ќе се намали емисијата на ПМ честички, односно трипати под дозволеното ниво со А интегрираната дозвола, издадена од Министерството за животна средина и просторно планирање. Истовремено, ќе се испочитуваат и строгите европски стандарди за испуштање честички до 50 микрограми на кубен метар воздух. 

Поставениот филтер е од најсовремена технологија и претставува гломазен контејнер со над 130 „ракави“, за што фабриката инвестирала над 55 илјади евра. 

-Нашето работење беше во рамки на стандардите и согласно А интегрираната дозвола. Ги следиме европските норми кои се пониски од македонските, односно овде нормата е 150 мерни единици, а во Европа е 50. Веруваме дека со оваа инвестиција, како и со воведувањето на нови технологии и унапредување на повеќе процеси, ќе можеме непречено да го продолжиме процесот на рециклирање и производство и да ги вратиме на работа 120-те вработени, истакна Јулијан Даскалов, генерален директор на „Пејпар мил“. 

Во наредните две недели ќе следи пробна работа заради завршни прилагодувања на филтерот, по што ќе се направат мерења на квалитетот на воздухот од страна на акредитирана светска лабораторија одобрена од релевантните институции. 

Единствената фабрика за рециклирање на хартија во Македонија го прекина производствениот процес кон средината на јануари годинава, по решение добиено од Инспекторатот за животна средина. Во овој период вработените не одеа на работа, но добиваат 70 отсто од платата и редовно им се плаќаат придонесите.ат/свс/

Остани поврзан