• петок, 15 ноември 2024

Стартот на ЕТИАС системот за влез во ЕУ одложен за средината на 2025 година 

Стартот на ЕТИАС системот за влез во ЕУ одложен за средината на 2025 година 

Брисел, 1 јануари 2024 (МИА) - Правилата за влез во земјите од Шенген зоната утврдени со Европскиот систем за информации и овластувања за патување (ЕТИАС), што требаше да стапат во сила на почетокот на 2024 година, според најновите најави од ЕУ ќе почнат да се променуваат кон средината на 2025 година, најверојатно од мај.  

Како што јави дописникот на МИА од Брисел, согласно правилата на ЕТИАС околу 1,4 милијарди државјани на над 60 земји на кои не им е потребна виза за влез во ЕУ за престој во период до 90 дена, вклучително и од Северна Македонија, по нивното стапување во сила ќе мора да поднесуваат барање за одобрение за патување во државите од Шенген зоната. 

Апликацијата за овластување за патување во Шенген зоната ќе треба да се пополни по електронски пат најдоцна 96 часа пред влезот во земја членка на ЕУ. Лицата на возраст од 18 до 70 години при аплицирањето ќе треба да платат седум евра, додека за малолетници и за лица над 70-годишна возраст документот ќе биде бесплатен. Одобрението ќе важи три години од датумот на издавањето или до истекот на важноста на пасошот врз основа на кое и издадено. 

Се предвидува одобрението да се издава во рок од неколку минути, а при потреба од дополнителни проверки одговор на апликацијата би се добивала најдоцна за четири дена. 

Сепак, според одредбите од ЕТИАС, добивањето на овластувањето за патување не гарантира влез во Шенген зоната, бидејќи при пристигнувањето на границата, граничната полиција ќе мора да утврди дали патникот ги исполнува условите за влегување на територијата на ЕУ. 

Според најавите од ЕУ, овие правила, чиј старт веќе и претходно беше одложуван, ќе се воведат од безбедносни причини поради зголемената стапка на тероризам и криминални активности и нема да претставуваат никакво ограничување за патувања на жителите на земјите што не се членки на ЕУ, а кои се ослободени од визниот режим. 

Покрај за Северна Македонија, ЕТИАС правилата ќе важат и за државјаните на останатите земји од Западниот Балкан - Албанија, БиХ, Косово, Србија и Црна Гора, како и на Австралија, Велика Британија, Грузија, Израел, Јапонија, Јужна Кореја, Канада, Нов Зеланд, Молдавија, САД, Украина и на уште 40-тина земји од Средна и Јужна Америка, Азија и Океанија. сп/

Фото: МИА Архива

Остани поврзан