• сабота, 16 ноември 2024

Помпео: Азербејџан и Ерменија да се вратат на преговорите

Помпео: Азербејџан и Ерменија да се вратат на преговорите
Вашингтон, 24 октомври 2020 (МИА) - Американскиот државен секретар Мајк Помпео вчера на Твитер напиша дека за време на одделните средби со министрите за надворешни работи на Ерменија и Азербејџан, Зохраб Мнацаканиан и Чејхун Бајрам, разговарал за клучните чекори во конфликтот околу Нагорно Карабах. „Двете страни мора да го спроведат договорот за прекин на огнот и да се вратат на суштинските преговори“, напиша Помпео. Двајцата министри имале одделни средби со Помпео, кои траеле околу 30-40 минути. Стејт департментот соопшти дека Помпео им укажал на двете страни на важноста од влегување во преговори. Министерот за надворешни работи на Ерменија одговарајќи на новинарско прашање изјави дека преговорите поминале „многу добро“ и дека работата на примирјето ќе продолжи. Азербејџанскиот министер за надворешни работи на Твитер напиша дека го информирал Помпео за „деструктивната политика на Ерменија, вклучително и гранатирање на азербејџански градови и цивили, распоредување платеници и терористи“. Во меѓувреме, жестоките борби околу спорната област Нагорно-Карабах продолжуваат и денеска, иако министрите за надворешни работи на Ерменија и Азербејџан отпатуваа за Вашингтон да преговараат за решение на деценискиот конфликт. Помпео закажа состанок со министрите за надворешни работи на двете земји откако два договора за прекин на огнот постигнати со посредство на Русија не успеаја. Вооружените конфликти меѓу Азербејџан и Ерменија околу Нагорно Карабах ескалираа кон крајот на септември. Во конфликтите има жртви и од двете страни. паг/

Остани поврзан