• недела, 22 декември 2024

Политико: ЕУ ја казни Мета со рекордни 1,2 милијарди евра

Политико: ЕУ ја казни Мета со рекордни 1,2 милијарди евра

Брисел, 22 мај 2023 (МИА) - Американскиот технолошки гигант Мета доби рекордна казна од 1,2 милијарди евра поради непочитување на правилата за приватност на ЕУ, јави Политико.

Ирската Комисија за заштита на податоците денеска објави дека Мета ја прекршил Општата регулатива за заштита на податоците (GDPR) кога префрлила воСАД низи лични податоци на европските корисници на Фејсбук, без доволно да ги заштити од практиките за следење на податоците на Вашингтон.

Тоа е најголемата казна наметната според водечкиот закон на Унијата за заштита на приватноста (General Data Protection Regulation) и доаѓа во пресрет на 25 мај, кога се навршуваат пет години од спроведувањето на законот.

Амазон претходно беше казнет со 746 милиони евра од Луксембург, а ирскиот регулатор, исто така, изрече четири казни против платформите на Мета Фејсбук, Инстаграм и Ватсап кои се движат помеѓу 405 и 225 милиони евра во последните две години.

Ирското тело за заштита на приватноста соопшти дека употребата на Мета на правниот инструмент познат како стандардни договорни клаузули (SCC) за преместување податоци во САД „не се однесува на ризиците за основните права и слободи“ на европските корисници на Фејсбук, покренати со значајна пресуда од Врховниот суд на ЕУ.

Европскиот суд на правдата во 2020 година го укина договорот ЕУ-САД за проток на податоци познат како штит за приватност поради стравувањата од практиките за следење на американските разузнавачки служби. Во истата пресуда, највисокиот суд на ЕУ, исто така, ги заостри условите за користење на SCC, уште една правна алатка што широко ја користат компаниите за пренос на лични податоци во САД.

ЕУ и САД го финализираат новиот договор за проток на податоци што би можел да биде готов најрано во јули и најдоцна до крајот на октомври. Мета има рок до 12 октомври да престане да се потпира на SCC за нивните трансфери, пренесува Политико. ссм/

Остани поврзан