• петок, 22 ноември 2024

Под слоганот „Учи паметно, работи стручно“ почнува дијалог со компаниите за отворање барани профили во стручните училишта

Под слоганот „Учи паметно, работи стручно“ почнува дијалог со компаниите за отворање барани профили во стручните училишта
Скопје, 31 јануари 2021 (МИА) - Министерството за образование и наука денеска информира дека почнува процес на консултации со компаниите, стопанските комори и локалните самоуправи за потребата од отворање на нови профили и паралелки во средните стручни училишта низ државата од идната учебна година. Под слоганот „Учи паметно, работи стручно“, министерката за образование и наука Мила Царовска, претставници од Владата и МОН, градоначалниците и компаниите ќе разговараат за дизајнирањето на наставните програми и уписните политики во средните стручни училишта. -Силно веруваме дека низ овој социјален дијалог заеднички ќе ги идентификуваме потребите и ќе можеме да одговориме на барањата на компаниите, но и за создавање на стручно образование коешто ќе создава кадар потребен на реалниот сектор, се вели во соопштението од МОН. Министерството за образование и наука, како што се наведува, веќе спроведе анализа која ни дава јасна слика за постојните профили кои ги нудат училиштата, нивната усогласеност со потребите на компаниите и подготвеноста за соработка на компаниите со средните стручни училишта на локално ниво. -Во анализата учествуваа 450 компании од цела држава, од кои дури 85 отсто се подготвени да соработуваат со средните стручни училишта и да примаат ученици на практична настава, нешто што е многу важно за создавање на стручен и квалитетен кадар, стои во соопштението. Првите вакви средби ќе се одржат утре во Свети Николе и Штип. На средбата покрај министерката за образование и наука Мила Царовска, ќе присуствуваат градоначалници, директори од средни стручни училишта, претставници на меѓународни организации и институции и претставници на Стопанските комори и на компаниите. Овој процес, Министерството за образование и наука го реализира во соработка и со поддршка од Амбасадата на Швајцарија. мд/дма/

Остани поврзан