Подеста: Средбата во Лондон за Украина е во контекст на ангажманот на ЕУ за постигнување мир
- Европската комисија продолжува со дипломатските напори на сите нивоа и во секое време за поддршка на Украина и на нејзиното право на одбрана и постигнување траен и праведен мир, изјави заменичката портпаролка на ЕК, Аријана Подеста во врска со за утре најавената средба во Лондон посветена на мировните преговори за прекин на украинскиот конфликт.

Брисел, 22 април 2025 (МИА) – Европската комисија продолжува со дипломатските напори на сите нивоа и во секое време за поддршка на Украина и на нејзиното право на одбрана и постигнување траен и праведен мир, изјави заменичката портпаролка на ЕК, Аријана Подеста во врска со за утре најавената средба во Лондон посветена на мировните преговори за прекин на украинскиот конфликт.
- Во однос на конкретниот состанок, тој е во контекст на ангажманот што го имаме веќе три години и кон кој продолжуваме да се придржуваме, рече Подеста во одговор на прашање дали Европската Комисија ќе учествува со свој претставник на средбата во Лондон.
На дополнително прашање дали кога веќе не е директен учесник, ЕК е во контакт за консултации со земјите членки учеснички на состанокот, пред се со Франција, Подеста изјави дека претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен постојано контактира со лидерите на земјите членки на ЕУ за дипломатските напори за поддршка на Украина.
- Од таму, како општ заклучок, имаме постојан контакт со нашите земји членки во таа смисла, но нема конкретни разговори за кои можам да ве информирам, додаде Подеста.
На прашања за оценка на „резултатите од Велигденското примирје“ во Украина, портпаролката на Европската комисија за надворешни работи и безбедносна политика Анита Хипер изјави дека иако Киев се согласи на безусловен прекин на огнот пред повеќе од еден месец, Русија продолжува со напади, гранатирања и одземање невини животи.
- Ако ќе погледнеме делата на Русија, ќе ја видиме како агресор. Гледаме дека Русија има досие на агресор, така што треба да и судиме Русија според делата. Значи, она што го правиме во овој случај е да и дадеме поддршката Украина за долгорочен, праведен и сеопфатен мир, рече Хипер. сп/
Фото: МИА Архива