• петок, 22 ноември 2024

Поддршка од ЕУ за 49 граѓански иницијативи кои работат на подобрување на животните услови на граѓаните

Поддршка од ЕУ за 49 граѓански иницијативи кои работат на подобрување на животните услови на граѓаните

Скопје, 17 јануари 2024 (МИА) - Вкупно 49 граѓански иницијативи спроведени во текот на 2023/24 година добија 0,9 милиони евра поддршка од ЕУ во рамки на Механизмот за граѓанска отпорност на ЕУ (МГО), програма за материјална поддршка на мали и „грасрут“ граѓански организации. Целта на програмата е овие иницијативи да спроведат активности корисни за локалните заедници во целата земја и да ја зајакнат отпорноста на граѓаните за време на честите општествени промени.

МГО поддршката се спроведува во рамки на проектот финансиран од ЕУ „Техничка поддршка за подобрување на овозможувачката средина на граѓанските организации во Република Северна Македонија“. Проектот започна со работа во 2020 година. Досега помошта опфати експертска поддршка за подобрена правна средина за граѓанското општество, натамошно градење на капацитетите на Советот за соработка меѓу Владата и граѓанското општество и поддршка во подготовката на стратегија и акционен план на Владата за соработка со граѓанското општество 2022-2024 година, во согласност со Насоките за поддршка на ЕУ за граѓанското општество во регионот за проширување.

Евроамбасадорот Дејвид Гир во своето обраќање денеска за време на промоцијата на овие граѓански иницијативи рече дека целта на настанот е да ги профилизира сите локални организации што работат на различни активности ширум земјата, а кои покриваат клучни вредности. Во овие граѓански иницијативи работат активисти во сферата на владеење на правото, човековите права, родовата еднаквост и многу други вредности. 

-За нас како Европска Унија претставува привилегија да можеме да дадеме поддршка на сите овие различни организации. Фокусот го ставаме на сите оние луѓе кои сакаат да направат промена на подобро во општеството. Горди сме што ги поддржуваме овие организации и што ги нарекуваме наши партнери, додаде Гир.

Генералниот секретар на Владата Методија Димовски посочи дека развојот на граѓанскиот сектор во општеството е од исклучителна важност не само за демократските вредности на земјата, туку и за поттикнување на развојот на граѓанската свест.

-Граѓанските организации значително придонесуваат за обезбедување на заштитата на основните човекови слободи и права, но и во подобрувањето на демократското управување. Тоа особено се однесува на зголемување на транспарентноста, на отчетноста, ефективноста во работењето на државните институции, но и на локалните, додаде Димовски.

Тој посочи дека воспоставувањето на овој функционален дијалог меѓу граѓанските организации и државните, односно локалните органи и создавањето на поволна средина за развој на активно граѓанско општество е важен предуслов за одржливост на реформите во пристапувањето на државата во ЕУ.

-ЕК континуирано ги нагласува придобивките од квалитативните структури за политички дијалог меѓу Владата и граѓанското општество како суштинска компонента на политичките критериуми за членство. И затоа Владата има воспоставено континуиран, транспарентен и инклузивен дијалог со граѓанското општество третирајќи го како рамноправен партнер, но и како коректор на нејзините одлуки. Согласно усвоената стратегија за соработка со граѓанското општество и развој на граѓанското општество во периодот 2022-2024 година Владата беше определена за унапредување на околината во која работи и се развива граѓанското општество, рече Димовски.

Тој информираше дека со цел да се обезбеди поттикнувачка и одржлива околина во која ќе функционира и ќе се развива граѓанското општество, формирани се и меѓусекторски групи во кои членуваат претставници на граѓанските организации, а кои работат на измена и надополнување на соодветната законска регулатива, како што е Законот за здруженија и фондации и Законот за донации и спонзорства во јавните дејности. бт/бак/

Фото: МИА

 

Остани поврзан