• сабота, 23 ноември 2024

Повик за избор на младинска организација која ќе раководи со Младинскиот центар во Куманово

Повик за избор на младинска организација која ќе раководи со Младинскиот центар во Куманово
Куманово, 21 јануари 2022 (МИА) - Општина Куманово денеска објави повик за избор на младинската организација која ќе раководи со Младинскиот центар во Куманово. На повикот може да учествуваат регистрираните организации согласно законите за здруженија и фондации и за младинско учество и младински политики, со седиште во општина Куманово, кои се регистрирани во регистарот на младински организации и организации за млади, постојат повеќе од пет години и работат во полето на младинската работа и младинскиот активизам.
  -Пополнетите пријави заедно со програмата и буџетот треба да бидат подготвени во формуларите изработени врз основа на стандардите за квалитет на младинските центри од Правилникот на Агенцијата за млади и спорт. Пријавите да се достават до Општина Куманово во рок од седум дена по објавувањето на јавниот повик во архива или по пошта на адреса: Општина Куманово, ул. „11 Октомври“ бб, 1300 Куманово, со назнака „Јавен повик за избор на младинска организација или организација за млади која ќе раководи со Младинскиот центар во Куманово, информираа од општината. Со одлука на советот, Куманово основаше Младински центар кој преку јавен повик ќе биде доделен на управување на младинска организација или организација за млади во временски период од три години,  од февруари 2022 до февруари 2025 година. Организациите треба да достават соодветна програма за работа на центарот преку која ќе се спроведува системска поддршка на личниот развој на младите луѓе и нивното активно вклучување во животот на заедницата преку: неформално образование, обучување и подучување на млади, информирање, менторство, подучување и советување, информално искуствено учење кое се случува во слободно време низ учество во забавни и волонтерски активности организирани за и од млади. Младинскиот центар во Куманово треба да биде од отворен тип и да им биде достапен на младите најмалку 40 часа неделно, распоредени во најмалку пет дена. Заинтересираните организации потребно е да достават, пријава и годишна програма за работа на Младинскиот центар за периодот од февруари до декември 2022 година, буџет за спроведување на предложената програма за периодот од февруари до декември 2022 година, портфолио на организацијата која се пријавува на јавниот оглас, во кое јасно се гледа нивниот придонес и работа во сферата на младинската работа, биографии на сите лица кои ќе бидат ангажирани во спроведување на годишната програма – квалификувани младински работници врз основа на Националното портфолио за младински работници и тековна состојба од Централниот регистар на Република Северна Македонија не постара од шест месеци од организацијата или организациите -Висината на финансиски средства од Буџетот на Општина Куманово за 2022 година е во процентуална вредност од 50 до 70 проценти од потребните средства за реализација на поднесената Програма за работа на Младинскиот центар Куманово, но не повеќе од 600.000 денари, информираа од општината. Градоначалникот на општина Куманово ќе формира Комисија за разгледување и евалуација на поднесените пријави по Јавниот повик, којашто врз основа на доставената документација за исполнување на критериумите, во рок од три дена по завршување на рокот од Јавниот повик, до градоначалникот ќе достави мислење со предлог за избор на младинска организација или организација за млади која ќе раководи со Младинскиот центар и врз чие мислење ќе се донесе одлука за избор. Во рок од три дена од донесената одлука за избор, градоначалникот на Општина Куманово ќе склучи договор за управување со Младинскиот центар во периодот од февруари 2022 до февруари 2025 година, со младинската организација или организацијата за млади, која ќе биде избрана на овој јавен повик. Во случај на заедничка пријава од повеќе организации, договорот ќе биде потпишан со една од организациите (предложена во апликацијата) во име на неформалната група организации. Некомплетните и ненавремени пријави нема да бидат разгледувани. ам/хс/

Остани поврзан