• петок, 05 декември 2025

Плеврис: Со Германија разговараме за создавање центар во Африка за враќање нелегални мигранти

Плеврис: Со Германија разговараме за создавање центар во Африка за враќање нелегални мигранти

Атина, 19 ноември 2025 (МИА) – Во тесна соработка со Германија постои иницијатива за центар за враќање на нелегалните мигранти – „return hub“ се вика, онаму каде што ќе се враќаат нелегалните мигранти, а ќе биде вон Европската Унија, во Африка и во тек се дискусии со безбедните африкански земји кои ќе ги прифатат нелегалните мигранти, кои не можеме да ги вратиме во нивните земји, посочи министерот за миграција и азил на Грција Танос Плеврис во интервјуто за грчката државна телевизија ЕРТ, јави дописничката на МИА од Атина.

Плеврис објасни дека ова нема да се биде под покровителство на Европската Унија, туку преку земјите-членки, иницијативата е на Германија, а Грција официјално изразила интерес за учество.

Додаде дека иако иницијативата наликува на онаа на Италија за враќање мигранти во Албанија, во конкретниот случај намерата е овие центри да бидат вон европскиот континент, со што ќе се одвраќаат за мигрантите да тргнат кон Европа.

- Овие центри се поделени во две категории. Едната категорија е за враќање на нелегалните мигранти, во центри со целосен режим на безбедност под надзор на Европската Унија, а африканските земји ќе добиваат соодветни компензации. Втората категорија се однесува на земјите што не се безбедни, како што е Либија, со цел таму да има центри што ќе ги задржуваат мигрантите, рече Плеврис.

Во однос на актуелната ситуација со миграцијата во Грција, објасни дека во текот на август, септември, октомври и првите две седмици од ноември пристигнувањата во земјата се намалени за 45-50 отсто во споредба со истиот период во 2024 година и додаде дека лани имало околу 23.000 пристигнувања, а годинава околу 12.000. ср/сд/

Остани поврзан