Пињо: ЕУ не го поврзува транзитот на руски гас преку Украина со какви било мировни преговори
- Европската Унија не гледа врска меѓу прашањето за транзитот на руски гас преку украинска територија и какви било мировните преговори за конфликтот во Украина, изјави денеска главната портпаролка на ЕК, Паула Пињо.
Брисел, 30 јануари 2025 (МИА) – Европската Унија не гледа врска меѓу прашањето за транзитот на руски гас преку украинска територија и какви било мировните преговори за конфликтот во Украина, изјави денеска главната портпаролка на ЕК, Паула Пињо.
Ваквата изјава Пињо ја даде на брифингот во Европската комисија запрашана за коментар на медиумските информации дека прашањето за обнова на транзитот на руски гас преку украинска територија би можело да биде дел од евентуалните преговори за мир во Украина.
Пињо додаде и дека ЕУ останува на определбата за постепено ослободување од употребата на гас и нафта од Русија, како и што е предвидено со програмата за „РЕПауерЕУ“, со која се планира елиминирање на зависноста на блокот од руските енергенси.
На новинарско прашање дали на денешната средба на еврокомесарот за енергија и домување Ден Јоргенсен и словачкиот премиер Роберт Фицо во Брисел ќе се разговара за можноста за обнова транзитот на руска нафта низ Украина, портпаролката на Европската комисија за клима, енергија, домување, животна средина и оданочување Ана-Кајза Итконен одговори дека тема ќе бидат енергетските прашања.
Итконен истакна дека Јоргенсен и Фицо ќе разговараат за резултатите од состанокот на Работната група за енергија меѓу Словачка и ЕУ, но дека главна тема на средбата ќе бидат „актуелните енергетски прашања“, без да навлегува во детали за планираните разговори. сп/
Фото: Скриншот