Петрушевски: Два проценти доверба од народот и Судскиот совет уште молчи за Пајазит Пајазити
- СООПШТЕНИЕ
Скопје, 22 август 2024
2% доверба од народот и Судскиот совет уште молчи за Пајазит Пајазити, кој дозволи бегство, помилува поранешен функционер на ДУИ и ги ослободи насилниците од скопскиот аеродром.
Дали некој во правосудството има дилема зошто народот има 2% доверба?
Колкава треба да биде довербата кога институцијата која треба да ја гарантира независноста на судството се става во заштита на ДУИ и СДС?
Судскиот совет со денови го толерира Пајазит Пајазити, кој не само што овозможи да избега Блерим Рамадани, туку и условно го осуди Иџет Мемети кој призна поткуп, наместо да досуди затвор. Тоа е рамно на амнестија. Истиот Пајазити ги ослободи и насилниците од скопскиот аеродром и во целост е усогласен со политиките на ДУИ и СДС, наместо да суди по закон.
Пајазити одамна требаше да биде разрешен, ако Судскиот совет не беше под 100% влијание на ДУИ и СДС.
Член на истиот тој судски совет до не одамна беше и сега осудениот Наќе Георгиев, кој беше фатен во поткуп, кој го зел за да влијае друг судија да досуди помала казна за Боро Марлборо. А асистенција му вршел Иџет Мемети, заменик претседател на Советот на јавни обвинители. И како сега народот да му верува на Судскиот совет и Советот на јавни обвинители, кога тие што седат во него живи се фаќаат како земаат поткуп со цел да влијаат во постапки?
И наместо да преземат чекори кон подобрување. Имаме еден долг и непрекинат молк.
Уште еднаш повторуваме. Реформи во судството мора да има. А пред тоа институциите да си ја завршат работат и да почнат со санкционирање на Пајазит Пајазити, да го спасат оној рејтинг од 2%, ако не се стопил.
Самиот факт што СДС фамозните наводи ги презентираат во прашална форма говори дека се свесни дека лажат и ловат во матно. Жално е да се гледа како СДС панично се обидуваат да го заштитат Пајазит Пајазити, кој е единствено одговорен зошто сега Блерим Рамадани е на слобода. Да изречеше Пајазити затворски притвор, сега Рамадани ќе беше во Шутка, рече пратеникот Бране Петрушевски, од ВМРО-ДПМНЕ, одговарајќи на новинарско прашање во врска со случајот Рамадани.
Според Петрушевски покрај спасот на Пајазити, СДС сакаат да прикријат огромен скандал за кој се виновни тие.
„А тоа е фактот дека двајцата избегани од затвор приведени за убиството кај Мавровка се избегани во нивно време. Е.К. првиот од приведените е избеган од Идризово на 15.04.2024 година, а А.К. вториот од приведените е избеган од Шутка на 22.07.2024 година, два дена пред смената на директорот на оваа установа“, вели Петрушевски.
Петрушевски праша „дали се ова беше планирано во СДС и дали намерно пуштиле од затвор да избегаат лицата кои сега се приведени за убиство?“
„СДС сака да создаде хаос, но тоа не поминува. Институциите постапуваат експресно и одговорност ќе има за секој еден“, заклучи Петрушевски.
Бране Петрушевски, пратеник од ВМРО-ДПМНЕ
________________________________________________
МИА овие текстови ги објавува во интегрална и оригинална форма и не е одговорна за нивната содржина, ниту за евентуалните правописни недоследности или печатни грешки
фото ВМРО-ДПМНЕ