• понеделник, 23 декември 2024

Петровска: Посветено работиме на развој на сопствени капацитети за справување со хибридни закани

Петровска: Посветено работиме на развој на сопствени капацитети за справување со хибридни закани

Скопје, 6 мај 2023 (МИА) - Министерката за одбрана Славјанка Петровска утрово во Охрид учествуваше на работилницата насловена „Зголемување на свеста за хибридните закани: зајакнување на отпорноста на Западен Балкан“, организирана од Евроатлантскиот совет на Северна Македонија на која се зборуваше за ранливоста на општествата на хибридните закани и потребата за зацврстување на сеопфатната општествена отпорност на овие закани, како клучна алка во намалувањето на нивното штетно влијание.

Петровска, како што соопшти Министерството, во свето воведно обраќање порача дека живееме во време во кое безбедносната средина е непредвидлива и комплексна зашто разни глобални актери користат невоени средства и методи за да креираат нестабилност и дестабилизација.

-Хибридните закани вклучително и ширењето лажни вести и дезинформации можат да предизвикаат големи штети во едно општество, без употреба на ниту еден војник и ниту едно воено средство. Нивното негативно влијание може да се рефлектира на демократските капацитети на нашето општество, на намалување на довербата на граѓаните во демократски избраните влади, како и на перцепцијата на граѓаните дека институциите немаат капацитети да се справат со оваа негативна појава, рече министерката.

Единствениот ефикасен одговор, посочи Петровска, е проширувањето на нашиот пристап кон безбедноста и тоа на заеднички и здружен начин со сите чинители во општеството и со нашите сојузници.

-Во нашите планови за градење на отпорност на општеството треба да ја вклучиме инфраструктурата, енергетскиот и комуникацискиот систем, системите за снабдување со храна и вода, климатските промени, како и будно да го следиме технолошкиот развој. Секое општество има потреба да гради капацитети за справување со новите предизвици, на ист начин и посветеност како што се градат капацитетите за справување со конвенционална закана, потенцираше министерката.

Петровска посочи дека Северна Македонија работи посветено на развој на сопствени капацитети за справување со хибридни закани, додека истовремено се развива и јавната свест и потребата од критичко размислување и препознавање на дезинформациите.

Во контекст на соработката со сојузничките и партнерските земји кои се соочуваат со истите безбедносни предизвици како и Северна Македонија, министерката истакна дека неопходно е оваа соработка да се зајакне уште повеќе, имајќи предвид дека веќе постојат повеќе формати на соработка во регионот. Во таа насока е и соработката со нашите НАТО сојузници, со кои споделуваме исти вредности и принципи и како дел од Алијансата заеднички градиме капацитети со кои ефикасно можеме да се справиме со овие асиметрични закани.

-Бенефитот од добро изграден систем и воспоставена широка соработка, ќе значи отпорно општество на новите безбедносни предизвици, безбедни институции, општествена свест и подготвеност за заштита и безбедност на граѓаните и општествените добра, заклучи министерката Петровска.

На форумот воведни обраќања имаа и Исмет Рамадани, претседател на Евроатлантскиот совет на Северна Македонија и Филип Тосевски, државен секретар во Министерството за надворешни работи, а свои презентации имаа и петнаесетина експерти од невладиниот и академскиот сектор од регионот и Европа. мс/лв/

фото: Министерство за одбрана

 

 

Остани поврзан