• сабота, 23 ноември 2024

Пендаровски - Галовеј: Македонско-британските односи се во постојана нагорна линија

Пендаровски - Галовеј: Македонско-британските односи се во постојана нагорна линија
Скопје, 27 мај 2022 (МИА) - Британската амбасада во Скопје вчера во градината на Кабинетот на претседателот Стево Пендаровски беше домаќин на прославата на врските на пријателство, разбирање и почит меѓу Обединетото Кралство и Северна Македонија, како и да се одбележи 70-годишната служба на Кралицата Елизабета Втора. - Македонско-британските односи се во постојана нагорна линија од нашата независност до денес. Од одбранбената соработка, сега и како сојузници во НАТО, политичката и институционалната соработка, па сѐ до културните и образовните врски развиени преку нашите граѓани. Бележиме скоро три децении одлични релации, а Британија е долгогодишен партнер во нашите реформи и поддржувач на нашите стратешки цели за евро-атлантска интеграција, напиша претседателот Пендаровски на својот фејсбук-профил. Одбележувањето на 70 години служба на Кралицата со прием во Кабинетот на претседателот во нејзина чест, наведува Пендаровски, е доказ за пријателството и блиските билатерални врски меѓу Северна Македонија и Британија. - Оваа година одбележуваме 70 години служба на Нејзиното Величество Кралицата Елизабета Втора. Кралицата владее подолго од кој било друг монарх во британската историја и стана многу сакана и почитувана личност низ целиот свет. Таа е и најистакнатиот дипломат во Обединетото Кралство, кој ги зацврстуваше старите односи и градеше нови врски, истакна во својот говор на прославата британската амбасадорка Рејчел Галовеј. Амбасадорката Галовеј рече дека долгогодишните билатерални односи меѓу Обединетото Кралство и Северна Македонија продолжија да ги зајакнуваат и ги одразуваат нашите заеднички вредности и цели, како и соработката меѓу нашите институции, нашите парламенти, нашата војска и нашиот народ. - Ова ќе биде мојот последен говор за овој национален ден тука. Еден дипломатски мандат не е доволен за вистински да се запознае една земја. Нема доволно време да се постигне сѐ што може да се постигне дури и кога споделуваме исти цели, исти предизвици и грижи. Но, дури и во краткото време што бев тука, имав толку многу среќа да посведочам на навистина драматични и храбри промени, посочи Галовеј. Гледав, додаде таа, како Северна Македонија станува 30-та членка на НАТО. За да ја обезбедиме безбедноста и одбраната на сите наши сојузници, според амбасадорката, треба да продолжиме да работиме заедно за да се осигураме дека европската стабилност не може и нема дополнително да биде поткопана. - Обединетото Кралство ќе продолжи да ја поддржува Северна Македонија и да ја приближува до посигурна, постабилна и попросперитетна иднина во срцето на евроатлантската заедница, нагласи Галовеј. Амбасадорката посочи дека Северна Македонија е лидер во регионот и носи тешки одлуки за климатските промени и животната средина. - Посведочив и на зајакнувањето на нашите трговски односи со новиот Договор за партнерство за трговија и соработка. Обединетото Кралство останува еден од главните странски директни инвеститори во земјата благодарение на инвестициите на британските компании како Џонсон Мети, рече Галовеј. мс/сп/

Остани поврзан