• сабота, 23 ноември 2024

Пендаровски во Малме на средба со шведскиот премиер Лофвен

Пендаровски во Малме на средба со шведскиот премиер Лофвен
Скопје, 14 октомври 2021 (МИА) - Претседателот на државата Стево Пендаровски, кој престојува во работна посета на Кралството Шведска, денеска во Малме, ќе оствари средба со шведскиот премиер Стефан Лофвен, додека во Гетеборг ќе се сретне со претставници на Македонскиот сојуз во Шведска. Како што е најавено, утре во Стокхолм, претседателот Пендаровски ќе оствари средба со претседателот на Парламентот на Шведска (Риксдаг), Андреас Норлен, со дел од членовите на комисијата за надворешни работи, комисијата за европски прашања, претседателот на групата за пријателство на Парламентот на Шведска со Собранието на Северна Македонија и претседавачот и членови на Управувачката група на соработката за демократски развој со Северна Македонија. Во Малме вчера Пендаровски се обрати на Меѓународниот форум за сеќавање на Холокаустот и борба против антисемитизмот “REMEMBER – REACT”, на сесијата „Зачувување на сведоштва и развој на образование за иднината“. Предвидено е претседателот Пендаровски да оствари средба со министерката за надворешни работи на Кралството Шведска, Ан Линде и со претставници на Шведската агенција за меѓународна соработка и развој (СИДА). За време на работната посета, се наведува во соопштението од Кабинтетот на претседателот на државата, во Стокхолм, Пендаровски ќе ја посети Нобеловата фондација и ќе оствари средба со претставници на водечки политички фондации и институти. Предвидено е претседателот на државата Пендаровски да оствари средба и со шведскиот дипломат Карл Билд. цр/сст/    

Остани поврзан