Пендаровски и Радев заедно патуваат во Рим на чествување на Светите браќа Кирил и Методиј
- Претседателите на Република Северна Македонија, Стево Пендаровски и на Република Бугарија, Румен Радев, заеднички ќе оддадат почит на делото на Светите браќа Кирил и Методиј во Рим, откако то

Скопје, 24 мај 2021 (МИА) - Претседателите на Република Северна Македонија, Стево Пендаровски и на Република Бугарија, Румен Радев, заеднички ќе оддадат почит на делото на Светите браќа Кирил и Методиј во Рим, откако тоа не го сторија минатата година поради влошената состојба со пандемијата на Ковид-19.
Поради здравствените протоколи на поглаварот на Римокатоличката црква, папата Франциск, делегациите, предводени од двајцата претседатели нема да им оддадат почит на големите сесловенски просветители и основоположници на словенската писменост и литература, денеска, туку посетата е планирана за 26 и 27 мај. Денеска, на 24 Мај на Денот на сеслосвенските просветители во Рим и Ватикан ќе престојува делегација на МПЦ-ОА, предводена од владиката Пимен, каде ќе чиноначалствува со молебен на гробот на Св. Кирил.Како што соопшти кабинетот на претседателот, двете делегации ќе отпатуваат заедно во Италијанската Република на 26 мај, а на 27 мај претседателите Пендаровски и Радев ќе положат цвеќе во базиликата Санта Марија Маџоре, каде што во IX век Папата Адријан Втори ги благословил азбуката и книгите напишани од Светите браќа Кирил и Методиј.
Делегациите на двете земји, предводени од Пендаровски и Радев заедно со бугарски авион, ќе патуваат за Рим. Претседателот Радев ќе допатува во Скопје и по кусата средба со претседателот Пендаровски на скопскиот аеродром, заедно со група бугарски и македонски новинари ќе отпатуваат за Рим, информираат од кабинетот на Пендаровски. Според програмата македонската делегација, предводена од Пендаровски и бугарската, предводена од Радев ќе имаат одвоени средби со поглаварот на Римокатоличката црква, Франциск. Пендаровски минатата недела изјави дека овој чин е еден добар симболичен гест од двете страни, кој може да ја олабави атмосферата во пресрет на преговорите меѓу двете земји во врска со блокадата за членство во ЕУ.
