• четврток, 04 декември 2025

Пекинг бара од Сеул да не извезува кинески ретки метали за американската воена индустрија

Пекинг бара од Сеул да не извезува кинески ретки метали за американската воена индустрија

Пекинг, 23 април 2025 (МИА) - Кина побара од јужнокорејските компании да не извезуваат производи што содржат кинески ретки метали во американски компании кои работат за американската воена индустрија, објави "Korea Economic Daily", повикувајќи се на владини извори.

Кинеските власти предупредуваат дека корејските фирми кои ќе ја прекршат забраната може да се соочат со санкции, јавија британските медиуми.

Пораката, наводно, била доставена во форма на писма до компаниите кои произведуваат трансформатори, батерии, дисплеи, електрични возила, воздушна и медицинска опрема.

Иако во првичната верзија на извештајот стоеше дека предупредувањето е испратено од кинеското Министерство за трговија, подоцна беше прецизирано дека станува збор за општа порака од кинеската Влада, а не конкретно од ова министерство.

Јужнокорејското Министерство за индустрија денеска соопшти дека ги проверува информациите со кинеската Влада и домашните компании за да ја потврди точноста на извештајот.

„Засега не е потврдено дека јужнокорејските компании добиле официјално писмо од кинеската Влада“, се наведува во соопштението.

Кинеското Министерство за трговија не излезе со одговор или коментар на прашања на медиумите.

На почетокот на април, Кина воведе рестрикции за извозот на ретки метали како дел од поширокиот одговор на американските царини, дополнително попречувајќи го снабдувањето со клучни минерали што се користат во производството на оружје и електроника.

Отсега извозниците мора да поднесат барање за дозвола за извоз преку Министерството за трговија, а тој процес може да трае од неколку недели до неколку месеци.

Кина произведува околу 90 проценти од светската понуда на ретки метали - група од 17 елементи неопходни за модерната технологија.

Иако САД имаат одредени залихи, тие не се доволни за да ги задоволат потребите на нивната воена индустрија на долг рок.

Јужна Кореја претходно овој месец соопшти дека има залихи кои покриваат повеќе од шест месеци потрошувачка за некои од седумте ретки метали под кинески ограничувања, вклучително и диспрозиум - елемент што се користи во специјални магнети за електрични возила и турбини на ветер.

Високи јужнокорејски претставници утре во Вашингтон треба да се сретнат со нивните американски колеги за да разговараат за актуелните трговски тензии и царини.

Кина во понеделникот ги предупреди земјите да не склучуваат пошироки трговски договори со САД „на сметка на Кина“.сд/

фото:МИА архива

Остани поврзан