• недела, 17 ноември 2024

Патници на крстарење околу светот „заглавени“ во Белфаст веќе три месеци

Патници на крстарење околу светот „заглавени“ во Белфаст веќе три месеци

Белфаст, 30 авгyст 2024 (МИА) - Патници кои платиле за тригодишно крстарење околу светот веќе три месеци се „заглавени“ во Белфаст, Северна Ирска, па овој град практично стана нивен нов дом.

Крстосувачот „Одисеја“, управуван од „Вила Ви резиденс“, пристигна на островот Квинс кај Белфаст за последните подготовки пред да тргне на првиот дел од патувањето. Бродот требаше да отплови на 30 мај, но сѐ уште е на почетната точка, поради проблеми со кормилото и менувачот. Меѓу патниците е и Холи Хенеси од Флорида (САД), на која во кабината друштво ѝ прави мачката Капетан. Како и другите патници, таа може да го мине денот на бродот за крстарење, но навечер мора да си замине.

- Во текот на денот можеме да останеме на овој крстосувач - со сите обезбедени поволности. Може да јадеме, гледаме филмови и да се забавуваме - да правиме сѐ што е планирано за на крстарењето, рече таа.

Иако ужива во глетката, често дождливото време на северниот Атлантик за неа е шок.

- Никогаш во животот не сум морала толку често да користам чадор, а и кабаница носам каде и да одам, додаде Хенеси.

На патниците им беше понудено да изнајмат кабина наместо да плаќаат дневна цена за хотел. Ова им овозможува да останат на бродот.

Првичната цена за крстосувањето била 99.999 до 899.000 долари, во зависност од кабината што се изнајмува. Организаторите на крстарењето тврдат дека прават сѐ за да го надоместат изгубеното време и „да ја намалат тензијата“ меѓу патниците, со алернативни патувања, сместувања и други понуди. Дел од патниците веќе искористија таква понуда и отпатуваа во Шпанија, Англија и Гренланд.

Сепак, според последните податоци, бродот за крстарење треба да исплови до крајот на следната недела.  си/паг/

Фото: МИА архива

Остани поврзан