• недела, 22 декември 2024

Парламентот на Непал му изгласа недоверба на премиерот, лидерот на комунистите доаѓа на чело на Владата

Парламентот на Непал му изгласа недоверба на премиерот, лидерот на комунистите доаѓа на чело на Владата

Катманду, 12 јули 2024 (МИА) - Парламентот на Непал му изгласа недоверба на премиерот Пушпа Камал Дахал, бидејќи не доби поддршка од Комунистичката партија, најголемата партија во владејачката коалиција.

Дахал не успеа да обезбеди апсолутно мнозинство при гласањето во Долниот дом на непалскиот Парламент, 19 месеци по формирањето влада.

Гласањето за доверба на премиерот дојде откако Комунистичката партија на Непал, неговиот главен сојузник во владата, минатата недела одлучи да ја одбие поддршката од кабинетот на Дахал и да влезе во нова коалиција со партијата Непалски конгрес, најголемата во земјата.

Двете партии се согласија нов премиер да биде комунистичкиот лидер Кадга Прасад Оли.

Дахал е на чело на нестабилната коалиција откако стана премиер по трет пат во декември 2022 година, по парламентарните избори на кои неговата партија беше трета.

Откако стана премиер, Дахал пет пати бараше гласање за доверба поради несогласувањата меѓу коалициските партнери.

Дахал го предводеше вооружениот комунистичко-маоистички бунт од 1996 до 2006 година, при што загинаа повеќе од 17.000 луѓе. Во 2006 година, маоистите го завршија својот бунт и се согласија да бидат дел од мировниот процес со посредство на ОН. рп/

Фото: ЕПА

Остани поврзан