ОЈО Скопје отвори истражна постапка против едно лице за три разбојништва во спортски обложувалници
- Основното јавно обвинителство Скопје донесе наредба за спроведување истражна постапка против едно лице за кое постои основано сомнение дека сторило три кривични дела „разбојништво“ во спортск
Скопје, 10 ноември 2021 (МИА) - Основното јавно обвинителство Скопје донесе наредба за спроведување истражна постапка против едно лице за кое постои основано сомнение дека сторило три кривични дела „разбојништво“ во спортски обложувалници во Скопје и тоа две согласно член 237 став 4 и едно согласно член 237 став 1 од Кривичниот законик.
Осомничениот, како што информираат од ОЈО, во два наврати на 24 февруари и на 8 мај, извршил разбојништва во иста спортска обложувалница на улицата „Митрополит Теодосиј Гологанов“.
- Се преправал дека пополнува ливче, по што станувал од масата и со нож им се заканувал на вработените за да ги принуди да му ги дадат парите. Првиот пат одзел 21.918 денари, а вториот пат – 20.400 денари од работните фиоки зад наплатниот пулт, се вели во соопштението од ОЈО Скопје.
На 18 мај, осомничениот 26-годишник влегол во спортска обложувалница на улицата „Никола Тримпаре“ во Скопје и на вработениот му се заканил со зборовите: „Надвор сме тројца, да не ја правиме голема, дај ги парите“.
- Оштетениот, исплашен дека би можеле да го нападнат, ги извадил парите од фиоките и му ги дал. На овој начин осомничениот противправно происвоил 70.000 денари и избегал од местото, стои во соопштението од ОЈО.
Од ОЈО, исто така, информираат дека Јавниот обвинител до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје доставил предлог за определување мерка притвор за осомниченото лице, бидејќи постојат околности кои упатуваат на опасност од бегство, можност тој да влијае врз сведоците/оштетените или да го повтори делото. аа/ац/