• понеделник, 13 октомври 2025
Македонски
  • English
  • Shqip
  • Македонски

О’Флаерти: Северна Македонија има политичка волја и правна рамка за заштита на правата на Ромите и на животната средина 

О’Флаерти: Северна Македонија има политичка волја и правна рамка за заштита на правата на Ромите и на животната средина 

Брисел, 29 јули 2025 (МИА) - Северна Македонија манифестира значајна политичка волја за справување со предизвиците поврзани со човековите права на Ромите и има развиено правна рамка за заштитата на животната средина, која е еден од единаесетте фундаментални принципи на уставниот поредок на државата, се наведува во меморандумот на комесарот за човекови права на Советот на Европа, Мајкл О’Флаерти, изработен по неговата посета на земјава во април годинава. 

- Комесарот при својата посета беше импресиониран од акцентот на јакнење на жените Ромки и застапеноста на жените Ромки во министерствата, националните структури за човекови права и граѓанското општество. Северна Македонија имаше неколку изданија на Националниот акциски план за заштита и почитување на човековите права на жените и девојките Ромки (најновиот план заврши на 9 јули 2025 година), се вели во документот насловен „Меморандум за човековите права на Ромите и за прашања поврзани со правото на чиста и здрава животна средина во Северна Македонија“ објавен денеска.

Во делот од документот посветен на положбата на припадниците на ромската заедница натаму се истакнува дека третата Национална стратегија за инклузивност на Ромите (2022-2030) ги идентификува целите во областите на вработувањето, домувањето, економијата, здравството, културата, борбата против дискриминацијата на Ромите, граѓанската регистрација и сиромаштијата и таа е проследена со акциски планови за секоја од овие области.  

- Комесарот нотира дека организациите на граѓанското општество играат клучна улога во подобрувањето на рамноправноста на ромските заедници, вклучувајќи ги и најмаргинализираните групи меѓу Ромите во текот на целиот нивен живот, се вели во Меморандумот, при што се поздравува работата на Народниот правобранител и Комисијата за спречување и заштита од дискриминација во доставувањето на препораки до властите за подобрување на состојбата со човековите права на Ромите. 

Во документот се оценува дека земјава постигнала значителен напредок во пристапот на Ромите до образованието и се поздравуваат низата мерки за запишување на ромските деца во училиштата и спречување на нивно напуштање на образовниот систем.  

- Мерките фокусирани на охрабрување на образованието (на Ромите) во средните училишта вклучуваат стипендии и можност за запишување со 10 отсто пониска оценка од вообичаено потребната. Комесарот ги нотира позитивните резултати од овие мерки, се додава во документот, при што се наведува дека опфатот на ромските деца во основното образование од 46 отсто во 2008 година, денес достигнува над 90 проценти.  

Општина Кочани и детската градинка „Павлина Велјанова“ се вклучија во проектот „Инклузија на деца Роми во јавните општински установи детски градинки за учебната 2024/25 година“, чиј носител е

Сепак, во документот се потенцира и дека комесарот О’Флаерти за време на посетата увидел дека „постои јаз помеѓу политичката рамка и нејзиното спроведување“.  

- Тој е загрижен дека многу проблеми продолжуваат и дека Ромите и натаму се соочуваат со дискриминација, сиромаштија и социјална исклученост. Понатаму, постои континуирано несовпаѓање помеѓу обврските преземени на национално ниво во стратегиите и активностите на локалните самоуправи во областите од нивна надлежност, се вели во документот. 

Во Меморандумот се додава дека некои од соговорниците на О’Флаерти за време на посетата на земјава посочиле на недоволно долгорочно финансирање за спроведување на Националната стратегијата, особено на локално ниво.  

- Новиот План на ЕУ за раст за Западниот Балкан нуди значајна можност за ново финансирање на унапредувањето на инклузијата на Ромите, во согласност со обврската преземена на петтиот министерски состанок за интеграција на Ромите во рамките на Берлинскиот процес на 4 септември, се додава во Меморандумот. 

Според наводите во Меморандумот, О’Флаерти добил информации за различни форми на дискриминација на Ромите, како ширење стереотипи, предрасуди и говор на омраза и нееднаквост меѓу Ромите и останатото население во остварувањето на правата.  

Во документот се наведува и дека „ромски деца одат на училиште одвоени од другите деца“, како и дека дефиницијата за сегрегација утврдена со Законот против дискриминација од 2020 година мора да се земе предвид и во контекст на образованието. 

Министерството за образование и наука за учебната 2022/2023 година  ќе ангажира 40 образовни медијатори Роми во 29 општини во земјава со цел да помогнат во подобрување на информираноста за мо

О’Флаерти препорачува продолжување на напорите за обезбедување пристап на децата Роми до предучилишното образование, преземање мерки за да се стави крај на сегрегацијата во училиштата и обезбедување инклузивно образование за ромските деца во сите училишта. 

Во Меморандумот се препорачува целосна имплементација на законската рамка за регистрација на граѓаните од страна на државните институции, како и утврдување на еколошките ризици по ромските заедници, како резултат на дискриминацијата и социјалната исклученост. 

Во однос на животната средина во документот се посочува дека земјава ги ратификувала повеќето меѓународни и регионални конвенции и договори поврзани со заштитата на природата и атмосферата и справувањето со климатските промени и со отпадот.  

- Како земја кандидат за членство во Унијата, таа вложи значителни напори за хармонизирање на своето законодавство и политики со европското, вклучувајќи го и Поглавјето 27 кое се однесува на заштитата на животната средина, се вели во Меморандумот. 

Во него натаму се посочува дека земјата има развиено правна рамка што ја регулира заштитата на животната средина, како и дека со Член 8 од Уставот заштитата на животната средина се признава како еден од единаесетте фундаментални принципи на уставниот поредок на државата.  

- Северна Македонија е една од земјите членки на Советот на Европа во која е воведено кривичното дело екоцид, кое е дефинирано како „дејствување или недејствување, спротивно на законот, извршено со намера да се предизвика штета на животната средина, што предизвикува сериозна или широко распространета или долгорочна штета на животната средина“, се вели во документот. 

Во него се наведува дека со Уставот се гарантира правото на здрава животна средина, како едно од индивидуалните права , како и дека се изработени повеќе програми и стратегии насочени кон намалување на емисиите на штетни гасови и за усогласување со еколошките цели на ЕУ. 

Последниот извештај на Европската агенција за животна средина, ЕЕА, покажува дека аерозагадувањето и натаму претставува најголема еколошка опасност по здравјето, а Северна Македонија и другит

Документот посочува на потребата од спроведување анализа за импликациите од Општата позиција на Врховниот суд за правото на чист воздух, заштита на уставно загарантираните човекови права, вклучително и правото на здрава животна средина и обука на судиите за справување со случаи поврзани со човековите права и животната средина. Во тој контекст се препорачува обезбедување услови за работа на заштитниците на човековите права поврзани со животната средина и надградба на постојната законска рамка за заштита од т.н. стратешки тужби против учество на јавноста (СЛАПП). 

Комесарот на Советот на Европа препорачува и што е можно поскоро усвојување на Закон за климата, со што земјата би се усогласила со обврските за човековите права поврзани со менаџирањето на климата и утврдување на цел за намалување на емисиите на стакленички гасови согласно Рамковната конвенција на ОН за климатски промени. 

О'Флаерти престојуваше во земјава од 22 до 25 април 2025 година, како дел од неговите посети на членките на Советот на Европа поврзани со правата на Ромите, при што со своите соговорници разговарал и за заштитата на човековите права поврзани со еколошките прашања. 

За време на посетата на земјава, О'Флаерти имал средби со вицепремиерот и министер за животна средина и просторно планирање Изет Меџити, со министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски, со министерот за правда Игор Филков, со министерката за образование Весна Јаневска, поранешниот министер за социјална политика, демографија и млади Ѓоко Велковски и со директорката на Државниот инспекторат за животна средина, Ивана Гиновска. 

Тој ги посетил и Општина Шуто Оризари и Дневниот центар за згрижување деца во Кисела Вода, а имал средби и со народниот правобранител Насер Зибери и со членови на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација. сп/са/ 

Фото: МИА Архива 

 

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан