• петок, 05 декември 2025

Официјално отворена Првата национална младинска летна школа за социјална инклузија 

Официјално отворена Првата национална младинска летна школа за социјална инклузија 

Скопје, 16 јуни 2025 (МИА) - Приближно 40 млади луѓе  имаат можност да учествуваат на Националната младинска летна школа, која претставува платформа за зајакнување на младите како агенти за промени, што денеска официјално ја отвори Министерството за социјална политика, демографија и млади, во соработка со Германското друштво за меѓународна соработка (ГИЗ).  

Младинската  летна школа се одржува од 16 до 20 јуни во Маврово, а  повикот за учество е наменет за млади од земјава на возраст од 16 до 22 години. Учесниците, преку интерактивни методи на работа ќе имаат можност да се запознаат и дружат со врсници од целата земја и да се стекнат со нови вештини поврзани со личен развој, интерперсонални односи и тимска работа. Како што беше наведено и во повикот, летната школа ќе се заснова на пристапот „Спорт за развој“, користејќи го спортот како педагошка алатка за промовирање на младинската едукација, инклузија и личен развој на учесниците.

-Вашата енергија, креативност и желба за правичност се клучот за градење на општество каде секој ќе има еднакви шанси да се развива и да живее достојно. Оваа летна школа е ваш простор да ги развиете тие вештини, да се поврзете со луѓе кои го делат истиот ентузијазам и се надевам дека ќе ви донесе не само знаење, туку и инспирација, храброст и сила да продолжите понатаму, и покрај сите предизвици. Нека оваа енергија и заедништво што ќе ги изградите овде,  ве водат низ цел живот, порача државниот секретар на Министерството за социјална политика, демографија и млади, Фатмир Сабриу на отворањето на младинската летна школа.

Тој истакна дека социјалната инклузија не е само збор, туку дека тоа е животна мисија. На присутните им посака многу успешни денови, фер плеј,  искрени пријателства и безброј моменти со кои ќе се потврди дека се на вистинското место, со цел да го направат светот подобар.

-На нас останува да продолжиме да ве подржуваме и вложуваме во вас, затоа што само така ќе изградиме здрава, активна и самосвесна генерација – генерација која ќе го гради подоброто утре, рече Сабриу.вј/

Фото: Министерство за социјална политика, демографија и млади

 

Остани поврзан