• петок, 05 декември 2025

Официјалното слатко задоволство на Токио - препознатливо за цел свет

Официјалното слатко задоволство на Токио - препознатливо за цел свет

Токио, 12 aвгуст 2025 (МИА) - Речиси невозможно е да се посети Токио денес, без да се забележат бледожолтите кутии со закуски, спакувани и украсени со слики од најпознатите туристички знаменитости на градот, а понекогаш, и со некои од најпрепознатливите цртани ликови од Јапонија или други брендови, како „Покемон“, „Киткет“, „Дораемон“... Секоја година, се верува, стотици илјади пакувања „Токио банана“ се продаваат во туристичките области на јапонската престолнина, известува „Си-ен-ен“ (CNN).

Но, што всушност, „Токио банана“ има заедничко со Токио - град во којшто не растат банани?

Во 20. век, како што Токио растеше и се отвораше за туристите од целиот свет, сè уште немаше многу свои традиции. Немаше специфична храна или свој уникатен пијалак, а имаше вековна историја што требаше да се зачува. За споредба, Кјото - старата престолнина на Јапонија (од 8. до 19. век) - уште од 1702 година има ресторан којшто прави тестенини од блиску одгледуваната хељда. Така, јапонскиот производител на слатки - „Грејпстон“, имајќи го предвид овој јаз, одлучи да создаде производ поврзан со Токио, којшто би можел да се продава како локален специјалитет.

„Токио е место каде што доаѓаат луѓе од цела Јапонија и тоа станува нивен нов дом“, изјави претставник на „Грејпстон“. - „Решивме да создадеме специјалитет од Токио што ќе биде познат и носталгичен за сите во Јапонија... За постарите луѓе, бананите го претставуваат вкусот на луксузните или увезените производи. За помладите луѓе, тоа е вкусот на спомените, на пр. од училишните екскурзии.“

Така е создаден десертот во облик на банана - со меко тесто однадвор и крем со вкус на банана однатре. Со брендирањето, називот е напишан на англиски јазик, па „Токио банана“ прилично брзо стана синоним за градот од којшто доаѓа.

„Грејпстон“ не го открива точниот број на производи што се продаваат на годишно ниво, но на нивната официјална страница се наведува дека „токиската банана“ е најпродаваното слатко задоволство во јапонската престолнина.  си/

Фото: „Инстаграм“-објава, фотоисечок.

Остани поврзан