Отворен повикот за учесници на Кампот за млади и климатска акција
- Од денеска до 20 септември, заинтересираните млади на возраст од 18 до 30 години од целата земја ќе можат да аплицираат за R.I.S.E Кампот за млади и климатска акција, што ќе се одржи од 6 до 10 октомври 2025 година во Преспа.
Скопје, 6 септември 2025 (МИА) - Од денеска до 20 септември, заинтересираните млади на возраст од 18 до 30 години од целата земја ќе можат да аплицираат за R.I.S.E Кампот за млади и климатска акција, што ќе се одржи од 6 до 10 октомври 2025 година во Преспа.
Кампот за климатска правда ќе обучи 20 млади активисти од Македонија на Преспанското Езеро.
-Бараме млади луѓе кои се: На возраст од 18 до 30 години. Ангажирани и мотивирани за лидерство и активизам во областа на климата, социјалната правда и човековите права. Подготвени да развиваат вештини во застапување политики, дигитални кампањи и мобилизација на заедници. Во можност да учествуваат на Воведниот ден во Скопје на 24.09.2025. Мотивирани да учествуваат на целиот камп и да придонесат во понатамошните активности. Отворени за соработка, нови искуства и градење врски, информираат од здружението на граѓани за одржлив развој и заштита на животната средина Гоу Грин.
За време на кампот, учесниците ќе посетуваат работилници за климатска правда, застапување и грас-рут мобилизација на локално ниво. Исто така, како што посочуваат од здружението, ќе учествуваат во теренски посети на заедници погодени од климатските промени, ќе бидат вклучени во сесии за раскажување приказни за засилување на маргинализираните гласови и креираат локални акциски иницијативи што ќе се спроведат во нивните заедници.
По кампот, учесниците ќе бидат вклучени во вебинар и онлајн-дискусии за политики, за да се слушне гласот на младите да стигне до институциите и креаторите на политики.
Проектот „Boosting positive perception for the Just Transition processes among national youth“ има цел да ги зголеми свесноста, ангажманот и учеството на младите во климатските и праведните транзициски политики во Македонија, во соработка со Funding Fairer Futures од Climate Action Network Europe (CAN Europe), финансиран од Европската унија.
Проектот се занимава со клучни прашања како што се: ниското ниво на младински ангажман во праведна транзиција и климатска политика, јазот помеѓу движењата за климатска и социјална правда, потребата за зајакнување на маргинализираните заедници најпогодени од климатските промени и преку младински ангажман, застапување и соработка, проектот има цел да подигне свесност, да обучи млади лидери и да развие посилни врски помеѓу климатскиот и социјалниот активизам.фф/лв/
Фото: Гоу Грин