• понеделник, 23 декември 2024

Отворен нов погон во „Амфенол Технолоџи Македонија“ во Кочани

Отворен нов погон во  „Амфенол Технолоџи Македонија“ во Кочани

Кочани, 15 септември 2023 (МИА) - Компанијата „Амфенол Технолоџи Македонија“ од Кочани денеска отвори нов работни простории во погонот FTG за производство на елементи што се користат во преносот на електрична енергија, а во кој се ангажирани стотина вработени.

Капацитетот е браунфилд инвестиција на површина од околу две илјади метри квадратни и се реализира со техничка поддршка од германската партнерска компанија FTG.

-Ова е дел од неавтомобилскиот сектор на нашата компанија, чиј почеток беше во периодот на пандемијата и не беше лесно да се донесе и инсталира опрема за да се почне со производството на таканаречените бас-бас елементи наменети во конструкциите и градежништвото за дистрибуција на струја. Исто така, има и линија на која се произведуваат клеми. Очекуваме бројот на вработените во наредните две-три години да се зголеми за двојно, истакна Сашко Наков, директор на „Амфенол Технолоџи Македонија“.

Од компанијата FTG Германија нагласија дека новите простории и инсталираната опрема во Кочани целосно ги задоволуваат високите стандарди за квалитетно производство.

-Навистина сум воодушевен од целата организацијата, поставеноста на машините, хигиената, вработените и целата посветеност што тие ја имаат кон новиот погон. Нашата соработка ја почнавме во 2019 година со мал тим и неколку машини, а потоа решивме да купиме друга компанија и ја донесеме овде токму за време на пандемијата. Опремата стигна, но бевме парализирани поради изолацијата, а вие со мала помош ја инсталиравте сами, ја пуштивте во производство, така што тоа станува значаен дел од „Амфенол Технолоџи Македонија“, истакна Стефан Вајсер, директор на FTG Германија.

Компанијата „Амфенол Технолоџи Македонија“, како дел од американскиот концерн „Амфенол“, во Кочани работи веќе десет години, главно во производството на кабли и опрема за автомобилската индустрија, како и антени за телекомуникациска опрема, а има близу три илјади вработени. Дел од нивното стручно усовршување се спроведува во партнерските компании во Германија, Данска, Србија и другите европски земји. та/мч/

фото: МИА

Остани поврзан