• сабота, 23 ноември 2024

Отворен Младински центар во Охрид

Отворен Младински центар во Охрид
Охрид, 12 октомври 2022 (МИА) - Младите во Охрид од денеска имаат место каде ќе го користат слободното време и ќе ги надоградуваат своите знаења и способности, во Младински центар што денеска беше отворен во простории на поранешната Касарна. Центарот го отворија градоначалникот на Општина Охрид Кирил Пецаков и извршниот директор на Коалиција на младински организации СЕГА, која е избрана за младинска чадор организација, Зоран Илиески.   -                                                   Верувам дека младите од Охрид со нивната енергија и елан, овде ќе имаат оптимални услови за развивање на креативни идеи и реализација на проекти од најразлични области, а со тоа ќе имаат лична и професионална сатисфакција за својот ангажман, рече Пецаков. Во Охрид, како што истакна Илиески, е поставен првиот Центар, кој ги исполнува стандардите на европските младински центри и од аспект на капацитет: просторен, програмски и технички. - Функцијата на овој центар е да обезбеди место за искористување на слободното време на младите, каде што преку креативен начин ќе може да учат, да ги надоградуваат своите вештини, знаења, способности и да се чувствуваат корисни придонесувајќи во општествениот живот, рече Илиески. Тоа, додаде, е Центар каде што активностите кои се поврзани со младите од култура, музика, спорт, забава и креативни вештини и вештини за вработување ќе бидат на едно место. - Овој Центар ќе обезбеди можност како работилници, музичка, дрмаска, фотосекција, театарска, за кино проекции, во делот на културата, развивање вештини за презентирање, држење говор, барање работа, животни вештини... Пресретнувајќи ја потребата за вработување ќе имплементираме посебна програма со која младите, посебно оние кои завршиле образование, ќе влезат во процес на тримесечна обука за да можат да станат повработливи односно да можат што побрзо да влезат на првото работно место. И таа едукација ја спроведувавме изминативе четири години и ќе ја примениме овде во Охрид, за да ја пресретнеме невработеноста која е присутна секаде, нагласи Илиески. Таквите центри, нагласи, во Европа функционираат повеќе од 30 години и на локално ниво се клучно место каде што младите може да делуваат и да придонесуваат за себе и за општината. Младинскиот центар, според претседателот на Младинскиот совет Јован Цветкоски, е соодветно уреден и безбеден простор за младите, кој ќе можат индивидуално или во организации да ги користат просториите. - На располагање се повеќе од шест простории, каде младите ќе имаат можност да развиваат идеи, да разменуваат искуства, да соработуваат и оттука да излезат содржини кои нема да се само од културата, туку да има советување од кариера, можности за млади, обуки, стипендии..., рече Цветкоски. Првично, додаде, предвидено е Центарот да работи од понеделник до петок од 9 до 17 часот, но во иднина ќе ги прашаат младите кога им е најпотребно да биде отворен. сс/лв/

Остани поврзан