• петок, 05 декември 2025

„Отворен ден“ во институциите на ЕУ по повод Денот на Европа 

„Отворен ден“ во институциите на ЕУ по повод Денот на Европа 

Брисел, 10 мај 2025 (МИА) - По повод Денот на Европа – 9 мај институциите на ЕУ денеска организираат „отворен ден“ во чии рамки граѓаните ќе можат да ги посетат нивните седишта, но и да присуствуваат на различни настани и манифестации. 

Во една од зградите на Европскиот совет посетителите ќе можат да се движат по патеката по која одат шефовите на држави или влади и министрите на членките на Унијата кога пристигнуваат на самитите на блокот или на заседанијата на Советот на ЕУ. 

Дополнително, ќе бидат организирани и тури во чии рамки посетителите ќе можат да влезат во просториите каде се одржуваат состаноците на ЕУ и каде што се носат важните европски одлуки. 

Секоја од 27-те земји членки на ЕУ, пак, во една од зградите на Советот ќе имаат штандови на кои ќе ги презентираат културата, традициите, кулинарските специјалитети и други знаменитости на нивната држава.  

За помладите посетители ќе биде организиран „лов на богатство“, при кој учесниците ќе трагаат по „забавни факти“ поврзани со Европа специјално дизајнирани за деца.  

По повод 50-годишнината од формирањето на Советот, посетителите ќе може да „патуваат назад во времето“ и да прават селфи со европските лидери од 1974 година. 

Се оценува дека испреплетувањето на деловните и политичките интереси продолжило да ја попречува независноста на медиумите и квалитетот на новинарството

Граѓаните ќе имаат можност да ја посетат и зградата „Берлемон“ во која се наоѓа седиштето на Европската комисијата, каде ќе можат да се запознаат со нејзината улога и приоритети, да учествуваат во повеќе активности и да дознаат детали за иницијативите и конкретните придобивки за нивниот секојдневен живот.  

Меѓу другото, посетителите ќе имаат можност да дознаат за напорите на Комисијата за зголемување на европската конкурентност, како и за промовирање на социјалната кохезија и заштита на демократијата и основните права во ЕУ и во странство. 

Во полукругот пред зградата на Европскиот парламент во Брисел во текот на целиот ден ќе се организираат различни активности во кои ќе може да учествуваат и посетителите. 

Европската служба за надворешни работи (ЕЕАС) по повод Денот на Европа ќе организира настан насловен „Патувајте низ светот за еден ден“, во чии рамки посетителите на седиштето на дипломатската служба на ЕУ ќе имаат можност да се запознаат со работата на ЕЕАС и нејзините 144 делегации и канцеларии низ целиот свет.

Преку интерактивни изложби и активности, посетителите ќе се запознаат и со „улогата на ЕУ како глобален лидер и сигурен партнер за просперитет, мир, безбедност, мултилатеризам, демократија и поредок базиран на правила“. Настанот ќе вклучува и дигитален штанд за да се помогне во истражувањето на павилјонот на ЕУ на Експо 2025 во Јапонија, како и танцови настапи во живо, работилници и активности за нагласување на глобалната разновидност. 

Европската инвестициска банка (ЕИБ), пак, ќе има свој информативен штанд во зградата „Јустус Липсиус“ на Советот на ЕУ, на кој персоналот на ЕИБ ќе ги информира посетителите за тоа „како нејзините финансиски и советодавни услуги ги подобруваат животите и ги унапредуваат целите на политиката на ЕУ“. 

Самиот штанд ќе биде збогатен со разни активности, како што се квизови, игри и аудиовизуелен материјал што ги прикажуваат проектите финансирани од ЕИБ.

Европскиот економски и социјален комитет (ЕЕСЦ) во своите простории ќе организира низа активности за запознавање на граѓаните со неговите активности и начин на работа, како и различни секции и настани.  

Европскиот комитет на регионите за посетителите на неговото седиште ќе организира презентација на повеќе европски региони и градови, како и за работата на регионални и локални функционери. 

Комитетот ќе го организира и традиционалниот „Фестивал на регионите и градовите“, во чии рамки ќе се одржат презентации на познати туристички места, на традиционални песни и игри, како и на разни кулинарски специјалитети. 

Денот на Европа ќе го одбележи и Европската централна банка (ЕЦБ) со фестивалот „Европа фест“ во Франкфурт, германскиот град во која се наоѓа нејзиното седиште, Во рамки на фестивалот ќе се одржи „Европскиот панаѓур“, повеќе тематски активности и светлосно шоу. 

Дополнително, ЕЦБ ќе има свој штанд за презентација и во седиштето на Европската комисија во Брисел. 

Европскиот суд на ревизори, пак, ќе организира серија интерактивни активности во неговото седиште во Луксембург, меѓу кои и квиз преку кој посетителите ќе можат да ги тестираат своите ревизорски вештини. сп/ 

 Фото: ЕЕАС/МИА Архива 

Остани поврзан