• понеделник, 23 декември 2024

Отворени три нови занимални во градинката „Росица“ во Општина Ѓорче Петров

Отворени три нови занимални во градинката „Росица“ во Општина Ѓорче Петров
Скопје, 2 септември 2022 (МИА) - Три нови занимални со капацитет од 100 дечиња во клонот „Детелинка“ – градинка „Росица“ во Општина Ѓорче Петров денеска почнаа со работа. Градоначалникот на Општина Ѓорче Петров, Александар Стојкоски, рече дека кога се работи деца, градинки и училишта се залага да нема штедење на средствата. - Од прв ден се залагам кога се работи за деца, градинки и училишта да не штедиме средства. Ќе вложуваме максимално и во наставниот кадар. Се надевам дека ќе наидеме на разбирање кај ресорното Министерството за труд и социјална политика да се реши статусот на ангажираните лица во градинките, изјави Стојкоски. Градоначалникот апелираше до Министерството за финансии и МТСП да се забрза процесот на давање согласности за нови работни места во градинката во Волково затоа што, како што кажа, со отворање на овие простории во руралниот дел, значително ќе се намали бројот на деца што чекаат за упис. - Како во другите општини така и во нашата општина листите на чекање беа големи, и се уште се, но пред почетокот на летото ако имавме околу 780 дечиња коишто чекаа, сега сме симнати до бројка од 350 до 380 дечиња. Апелираме постојано и сме во постојана соработка со МТСП да ни излезат што е можно побрзо во пресрет да ги одобрат согласностите за вработување на нов наставен кадар и технички персонал во новата детска градинка „Сонце“ во Волково бидејќи како капацитет ќе ни овозможи да примиме најмалку уште 100 до 150 дечиња, истакна градоначалникот Стојкоски. Додаде дека општината размислува и на други локации каде што може да се прави надградба на капацитетите и дека општината е спремна со комплетно нов проект целосна документација и со локација за уште една нова детска градинка во Стопански Двор, но сепак рече дека фокусот треба да се стави во урбаниот дел на општината каде што има најголем проблем со сместување на децата. Директорката на градинката „Росица“, Даниела Темелкова, рече дека со отворањето на новите три занимални листата на чекање ќе се намали од 780 на 400 деца. Во однос на прашањето што ќе се случи со тие 400 деца кои се уште на листата на чекање Темелкова рече дека во најбрзо време се очекува да биде отворен објектот „Сонце“ каде што ќе можат да бидат опфатени над 150 дечиња, но до отворање на објектот листата ќе стои со таа бројка. На новинарското прашање за буџетот на трошоците и фактурите во пречек на тешката зима, Стојкоски рече дека за градинката дотациите ќе бидат доволни во делот на енергенсите бидејќи плаќаат струја на регулиран пазар, но со училиштата има сериозен проблем. - Мора да антиципираме тој проблем и да добиеме поголема поддршка од Министерството за образование и од Владата бидејќи дотациите коишто биле предвидени од претходно во буџетот на енергенси апсолутно нема да ги задоволат потребите на училиштата, изјави Стојкоски. Додаде дека со брзото зголемување на цените на струјата и на нафтените деривати средствата не им се доволни и дека општината до крајот на годината ќе треба од сопствениот буџет да дополни за покривање на трошоците. За решавање на проблемот со трошоците, Стојкоски го предложи истиот предлог на градоначалникот на Гостивар, Арбен Таравари, дека и училиштата по примерот на градинките треба да се вратат под итно на регулиран пазар затоа што, како што подвлече Стојкоски, училиштата во моментов плаќаат најскапа струја. сх/аа/

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан