• понеделник, 23 декември 2024

Отворена сензорна соба во ООУ „Аврам Писевски“ во Бардовци

Отворена сензорна соба во ООУ „Аврам Писевски“ во Бардовци
Скопје, 4 мај 2022 (МИА) - ООУ „Аврам Писевски“ во Општина Карпош доби сензорна соба во рамки на проектот „Биди ИН, биди ИНклузивен, биди ИНклудиран“, која е богата со стимулативни и асистивни содржини со кои ќе се поттикнува аудитивниот, визуелниот, физичкиот и тактилниот развој кај учениците со и без пречки во развојот или образовни потешкотии. Реализацијата на сензорната соба ја поддржа и ИУТЕ Кредит и се приклучи кон целите на Проектот „Биди ИН, биди ИНклузивен, биди ИНклудиран“, кој е финансиран од Европската Унија. - Со големо задоволство се вклучивме на патеката на образовна инклузија во нашата земја. Како општествено одговорна компанија вложуваме во создавање на услови за поквалитетен живот на секој поединец. Бидејќи веруваме во инклузивен свет, преку личен пример со оваа активност, се надеваме дека ќе поттикнеме вложувања во образованието и во создавање на услови за еднаква пристапност на образование на секое дете, рече Јасмина Апостолоска од ИУТЕ кредит. На настанот присуствуваа претставници на Општина Карпош кои им се заблагодарија на донаторите. - Работиме на подобрување на образовните можности за сите ученици во нашата општина, со фокус на учениците со попреченост кои треба да ги имаат еднаквите услови за образование и воспитание како и сите други деца кои живеат во Карпош. Благодарение на фондацијата „Чекор по чекор“ веќе се реализирани неколку инклузивни активности во општината, но ги поканувам поединците и компаниите заеднички, партнерски да создаваме услови за среќни детства. Јас верувам дека со достапна и инклузивна средина, ќе може да ги развиваме потенцијалите на нашите деца, а тоа се потенцијалите на нашата иднина, изјави  Гордана Зафировска – помошник раководител на сектор во Општина Карпош. Елена Мишиќ од Фондацијата „Чекор по чекор“ која го спроведува проектот „Биди ИН, биди ИНклузивен, биди ИНклудиран“, истакна дека на 20 месеци од спроведување на активностите од овој проект, се зголемуваат можностите секое дете да добие пристап до квалитетно образование. - Со отворањето на 11-тата сензорна соба во рамки на проектот „Биди ИН, биди ИНклузивен, биди ИНклудиран“ придонесуваме секое дете да добие пристап до квалитетно образование. Сензорните соби ги опремуваме со разновидна опрема која им обезбедува на учениците визуелна, аудитивна и тактилна стимулација при учењето, како и подобрување на фината и грубата моторика. Со создавање на пристапни и стимулативни средини за учење, училиштата опфатени со проектот стануваат места со еднакви можности за образование за сите деца. Од особена важност е подобрување на условите во училишта како што е ООУ Аврам Писевски, каде скоро половина од учениците се под социјален ризик или имаат посебни потреби, потенцира Мишиќ. вј/дма/

Остани поврзан