• понеделник, 27 јануари 2025

Осумдесет години од ослободувањето на Аушвиц: Преживеаните зборуваат, светот да слуша

Осумдесет години од ослободувањето на Аушвиц: Преживеаните зборуваат, светот да слуша

Краков, 27 јануари 2025 (МИА) - Вниманието на светот денеска е свртено кон Аушвиц-Биркенау, еден од најтемните симболи на човечката историја, а по повод одбележувањето на 80 години од ослободувањето на овој нацистички логор во Полска.

Церемонијата треба да започне во 15:00 часот по Гринич и се очекуваат 54 меѓународни делегации, меѓу кои ќе бидат и претседателите на Италија, Франција и Германија.

Но, никој од овие политичари, дипломати, монарси нема ни да се приближи до микрофонот. Тие ќе бидат таму единствено за да слушаат. Годинава говорницата е резервирана само за оние кои ги преживеале ужасите на кампот.

Покрај преживеаните, единствените други обраќања ќе имаат претседателот на Светскиот еврејски конгрес Роналд С. Лаудер, кој ги претставува главните донатори на споменикот, и историчарот Пјотр Цивињски, директор на Државниот музеј Аушвиц-Биркенау.

Преживеаните во центарот на вниманието

„Во центарот на вниманието ќе бидат сведоштвата на преживеаните – оние чии гласови сè уште одекнуваат како потсетник за ужасите од минатото и предупредување за иднината“, најавија од Музејот Аушвиц-Биркенау.

На комеморацијата пред историската порта на Аушвиц II-Биркенау се очекуваат само околу 50 поранешни затвореници, за разлика од околу 300 присутни преживеани пред една деценија и 1.000 - една деценија пред тоа.

- Оваа година ќе се фокусираме на преживеаните и нивната порака, изјави  портпаролот на музејот во Аушвиц, Павел Савицки.  - Нема да има говори на политичари, потенцираше портпаролот.

Овогодинешниот настан е „последниот каде што ќе имаме видлива група на преживеани со нас“, рече Савицки - И затоа е толку важно да се стави целото внимание на преживеаните. Сите знаеме дека за 10 години нема да биде можно да има голема група за 90-годишнината, рече Савицки, алудирајќи на возраста на преживеаните.

Преживеаните од кампот, во изминативе денови на повеќе настани организирани низ светот зборуваа за потребата да се зачува сеќавањето на она што се случи кога веќе нема да има живи сведоци. Тие, исто така, предупредија на зголемена омраза и антисемитизам во светот, а говореја и за нивните стравувања од повторување на историјата.

Аушвиц е местото во јужна Полска каде нацистичка Германија уби повеќе од еден милион луѓе, најголемиот дел од нив Евреи, но и Полјаци, Роми и Синти, советски воени заробеници, хомосексуалци и други што беа цел на елиминација според расната идеологија на Адолф Хитлер

Аушвиц, исто така, е врежан во колективната меморија на светот како олицетворение на сите злосторства на нацистите и пример за тоа до што може да доведат омразата, расизмот и антисемитизмот.

Една од причините што Аушвиц прерасна во водечки симбол на холокаустот и другите нацистички злосторства е тоа што тој беше и работен логор, па илјадници преживеаја - очевидци кои можеа да му кажат на светот што се случило таму.

- Релативно многу луѓе преживеаја, што речиси не беше случај во други логори кои немаа компонента за принудна работа, појасни Томас Ван де Пут, научник специјализиран за културно и колективно сеќавање на холокаустот на Кралскиот колеџ во Лондон.

- За преживеаните Евреи, денот на ослободувањето е многу, многу тажен ден, истакна Хави Драјфус, историчар на холокаустот на Универзитетот во Тел Авив во неодамнешната онлајн дискусија по повод годишнината.

Да не се повтори

Ева Сепеси (92) ќе присуствува на церемонијата во нацистичкиот концентрационен логор кој едвај го преживеала, и каде биле убиени нејзината мајка и брат. Сепеси, која пораснала во Словачка, а сега живее во Франкфурт, Германија, е една од последните преживеани.

Церемонијата се случува во време на широко распространета вознемиреност околу тоа дали знаењето за холокаустот се намалува со намалувањето на бројот на Евреи кои го преживеале. За Сепеси, пак, историјата не изгубила ништо од својата моќ.
- Аушвиц ќе остане со мене до последниот ден, последниот момент, потенцира таа.

Дел од преживеаните за Скај Њуз го изразија својот песимизам дека не се извлечени поуки од историјата. - Се надевам дека грешам, вели преживеаниот Ивор Перл. „Но, има една изрека дека ако некој не учи од историјата, проколнат е повторно да ја преживее“.

Ивор има речиси 93 години и му требало половина век за да се чувствува способен јавно да зборува за времето поминато во нацистичкиот концентрационен логор.
- Кога бев помлад си мислев во себе: „Стигнав на овој свет во страшно време, 1932 година, барем кога ќе го напуштам светот ќе биде на подобро место, вели тој. „Но, многу, многу се сомневам во тоа, вели Перл, додавајќи дека не гледа знаци дека светот ги научил лекциите од Втората светска војна.

Скај њуз во Центарот за преживеани од холокаустот во северен Лондон, управуван од организацијата за здравствена и социјална заштита Jewish Care разговарал со уште една преживеана од Аушвиц, Сузан Полак. - Сеќавањето на Аушвиц и возот за Аушвиц никогаш нема да избледат во мојот ум, вели таа. 

Зборовите на преживеаните се очекува да ги слушнат илјадници луѓе кои ќе бидат присутни на комеморацијата, а милиони преку извештаите на стотици акредитирани новинари од целиот свет. Загреан шатор е поставен за учесниците околу злогласната порта на Аушвиц-Биркенау во близина на градот Освиечим (германски - Аушвиц) во јужна Полска, а на која стои натписот „Arbeit macht frei“ (Работата го ослободува човекот)

Историски контекст и ослободување на Аушвиц

Германските власти го основаа концентрациониот логор Аушвиц во 1940 година во полскиот град Освиечим по нивната инвазија на Полска во 1939 година. На почетокот беше логор за полски затвореници, вклучително и католички свештеници и членови на полското движење на отпорот. Нацистите подоцна основаа околу 40 логори во областа, но најозлогласен е Биркенау, огромно место што се користило за масовни убиства во гасни комори.

Оние кои пристигнувале во Биркенау биле доведени во тесни возови за стока, без прозорци. На озлогласената рампа, нацистите ги избирале оние што би можеле да ги користат како принудни работници. Останатите - постарите, жените, децата и бебињата - беа убиени со гас набргу по нивното пристигнување.

Севкупно, нацистите убиле шест милиони Евреи, или две третини од сите европски Евреи, во холокаустот во Аушвиц и други логори, во гета и во масовни егзекуции блиску до домовите на луѓето.

На 27 јануари 1945 година, советските трупи пристигнаа пред портите на Аушвиц и најдоа околу 7.000 слаби и изнемоштени затвореници.

Борис Полевој, дописник на советскиот весник Правда, кој бил прв очевидец, опиша сцена на неверојатно страдање: „Видов илјадници измачени луѓе кои Црвената армија ги спаси - луѓе толку слаби што се нишаа како гранки на ветрот, луѓе, чии години не може да се погодат“.

Во тоа време, сојузничките трупи се движеа низ Европа во серија офанзиви против Германија. Советските трупи прво го ослободија логорот Мајданек во близина на Лублин во јули 1944 година, а потоа и Аушвиц, Штутхоф и други. Американските и британските сили, во меѓувреме, ослободија кампови на запад, вклучувајќи ги Бухенвалд, Дахау, Маутхаузен, Берген-Белсен.

На 17 јануари 1945 година, додека советските трупи напредуваа, СС војската принуди 60.000 изнемоштени затвореници да одат на запад во она што стана познато како „Марш на смртта“. Од 21 до 26 јануари Германците ги разнесоа гасните комори и крематориумите во Биркенау и се повлекоа со приближувањето на советските трупи.
На 27 јануари пристигнаа советските трупи, кои пронајдоа 7.000 преживеани.
Денот на неговото ослободување е одреден од Обединетите нации како Ден на сеќавање на холокаустот.

Аушвиц денес: Музеј и споменик на историското наследство и страшните злосторства

Денес локалитетот е музеј и споменик управуван од полската држава и е едно од најпосетуваните места во Полска. Неговата мисија е да ги зачува тамошните предмети и сеќавањето на она што се случило таму; организира патувања со водич и неговите историчари вршат истражување. 

Предизвиците на музејот се огромни и вклучуваат напори да се зачуваат касарните и другите предмети кои никогаш не биле наменети да траат долго. Еден особено емотивен проект вклучува зачувување на чевлите на убиените деца.

Во Аушвиц, Германците оставија зад себе бараки и караули, остатоци од гасни комори и коса и лични предмети на луѓето убиени таму. Портата „Arbeit Macht Frei“ е препознаена низ целиот свет.

Германија, земја која со децении изразува каење за злосторствата на нацијата под Хитлер, е претставена од канцеларот Олаф Шолц и претседателот Франк-Валтер Штајнмаер. На комеморацијата присуствуваат и претседателот на Австрија, која беше анектирана од Германија во 1938 година, и на Италија, чиј диктатор Бенито Мусолини склучи сојуз со Хитлер.

Меѓу другите присутни се и полскиот претседател Анджеј Дуда, канадскиот премиер Џастин Трудо и францускиот претседател Емануел Макрон.

Рускиот претседател Владимир Путин беше почесен гостин на 60-годишнината во 2005 година, што беше доказ за советската улога во ослободувањето на Аушвиц и високата цена што ја платија советските трупи во поразот на Германија.

Но, тој повеќе не е добредојден поради руската агресија во Украина. Ова ќе биде трета година по ред - по целосната инвазија на Русија на Украина во февруари 2022 година - без руски претставник.

- Ова е годишнина од ослободувањето. Се сеќаваме на жртвите, но ја славиме и слободата. Тешко е да се замисли присуството на Русија, која очигледно не ја разбира вредноста на слободата, рече директорот на музејот Пјотр Цивињски.

Војната меѓу Израел и Хамас во Газа, исто така, предизвика контроверзи околу тоа дали израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху треба да присуствува или не. Меѓународниот кривичен суд, највисокиот суд за воени злосторства, издаде налог за апсење на Нетанјаху во ноември, обвинувајќи го за злосторства против човештвото за израелските акции во Газа. Тоа значеше дека Полска, како потписник, ќе се соочи со обврска да го уапси. На крајот, полската влада усвои резолуција со која вети дека ќе обезбеди безбедно учество на највисоките претставници на Израел. Израел, сепак, одлучи да го испрати својот министер за образование, Јоав Киш.

Меѓу голем број на шефови на држави или влади е и претседателката Гордана Сиљановска-Давкова.

На настанот ќе бидат и претседателите на Австрија - Александар Ван дер Белен, Бугарија - Румен Радев, Чешка - Петр Павел, Естонија - Алар Карис, Финска - Александар Стуб, Франција - Емануел Макрон, Германија - Франк-Валтер Штајнмаер, Унгарија - Тамаш Шујок, Италија - Серџо Матарела, Молдавија - Маја Санду, Црна Гора - Јаков Милатовиќ, Косово - Вјоса Османи-Садриу, Полска - Анджеј Дуда, Словачка - Петер Пелегрини и Словенија - Наташа Пирц Мусар. Присуство најавија и премиерите на Белгија - Александар Де Кро, Канада - Џастин Трудо, Хрватска - Андреј Пленковиќ, Холандија - Дик Шуф, Норвешка - Јонас Гар Сторе и Шведска - Улф Кристерсон.

Меѓу присутните ќе бидат и членови на кралски семејства, како што се Кралот Чарлс III од Обединетото Кралство, кралот и кралицата на Белгија, кралот и кралицата на Данска, кралот Вилем-Александар, кралицата Максима и принцезата Катарина-Амалја од Холандија, принцот престолонаследник Хокон од Норвешка, кралот Филип VI и кралицата Летиција од Шпанија, како и принцезата Викторија од Шведска.

САД ќе бидат претставени од специјалниот пратеник за Блискиот Исток, Стив Виткоф, додека од Израел ќе присуствува министерот за образование Јоав Киш.

Присуство најавија и високи претставници на меѓународни организации, меѓу кои претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, претседателката на Европскиот парламент, Роберта Мецола, заменик генералниот секретар на НАТО, Радмила Шеќеринска, генералната директорка на УНЕСКО, Одри Азуле и заменик секретарот на ООН за политички и мировни прашања, Розмари ДиКарло. ссм/

фото: ЕПА

Остани поврзан