• петок, 22 ноември 2024

Османи на состанок за глобалната сјбер безбедност

Османи на состанок за глобалната сјбер безбедност

Њујорк, 24 септември 2022 (МИА)Министерот за надворешни работи, Бујар Османи, на маргините на 77-то Генерално Собрание на ООН во Њујорк, учествуваше на состанок на тема: „Обликување на глобалната сајбер-безбедност - Повик за акција за промовирање на одговорно однесување на државата и градење капацитети“, чии домаќини беа министерката за надворешни работи на Германија, Аналена Бербок  и министерката за надворешни работи на Франција, Катерин Колона.

Во фокусот на дискусиите, како што соопштија од МНР, беа безбедносните предизвици во сајбер просторот како сериозна закана за постојниот меѓународен поредок, а била нагласена и потребата од ефективен мултилатерален одговор и стратешка размена на информации и искуства особено меѓу НАТО сојузниците, во насока на успешно справување и надминување на сајбер заканите.

Министерот Османи во своето излагање се осврнал на предизвиците во сајбер просторот со кои се соочува Северна Македонија, нагласувајќи дека сајбер нападите се карактеристични и за други земји од Западен Балкан, тренд што особено се интензивираше по почетокот на руската воена инвазија во Украина.  Османи се осврнал и на опасностите поврзани со хибридните ризици и закани, како што се злонамерните сајбер активности, кои имаат за цел да ги дестабилизираат државите и да предизвикаат несигурност кај граѓаните.

 -Националната стратегија за сајбер безбедност е еден од столбовите на системот за зајакнување на капацитетите за сајбер одбрана, заштита на критичната информатичка инфраструктура, подигнување на свеста за информатичка безбедност и безбедносната култура на сите актери во сајбер просторот. Северна Македонија континуирано соработува со сите засегнати страни – бизнис секторот, истражувачката и академската заедница, како и со граѓанското општество, со цел изнаоѓање заеднички решенија за овие предизвици, заклучи Османи.

Посочувајќи на неограничените можности и придобивки на дигиталната технологија во нашето современо живеење, министерот Османи истакнал дека нашата држава се залага за слободно, отворено, мирољубиво и безбедно опкружување во користењето на информатичката технологија.бк/

 

Остани поврзан