• вторник, 24 декември 2024

Османи на Линде ѝ го врачи постхумното признание за Ана Линд, по повод 30 години независност

Османи на Линде ѝ го врачи постхумното признание за Ана Линд, по повод 30 години независност

Скопје, 22 јуни 2021 (МИА) - Шефот на дипломатијата Бујар Османи, посетата на неговата шведска колешка Ан Линде на Скопје, ја искористи да ѝ го врачи постхумното признание по повод 30 години независност, за Ана Линд, поранешна министерка за надворешни работи на Шведска и претседавач со Советот на ЕУ во 2001.

- Ние особено го вреднуваме придонесот на Ана Линд, низ призмата на развојот и активното вклучување на Северна Македонија како модерна и просперитетна членка на меѓународната заедница. Ана Линд, во својство на министер за надворешни работи на Шведска и претседател на Советот на министри на ЕУ, одговорна за застапување на официјалната надворешно-политичка позиција на ЕУ, придонесе неизмерно за финализирање на преговорите и за потпишување на Договорот за стабилизација и асоцијација помеѓу Северна Македонија и ЕУ во Луксембург на 9 април 2001, изјави Османи.

Тој при врачувањето на признанието истакна дека Северна Македонија беше првата земја од Западен Балкан која тогаш успешно ги заврши преговорите и потпиша ваков договор со ЕУ, а министерката Линд, додаде Османи, која ја претставуваше ЕУ, исто така, имаше конструктивна и важна улога и за време на конфликтот во 2001 година, повикувајќи на меѓуетнички дијалог и зајакнување на врските со ЕУ врз основа на новиот Договор за стабилизација и асоцијација.

Во рамките на проектот на МНР, по повод 30 години независност на Република Северна Македонија, Османи ќе врачи признанија на 30 странски државјани, високи функционери од ЕУ и НАТО, државници, дипломати и познавачи на нашата држава и регионот.

Со овој чин, како што соопшти МНР, се придава симболично признание за оставениот белег во консолидација на нашата самостојност, поддршката и помошта во заокружување на евроатлантската перспектива, како и зацврстувањето на мултиетничката, мултикултурна и мултиконфесионална кохезија на нашата држава и општество. нд/сп/

Остани поврзан