Општина Македонска Каменица со парична и техничка поддршка за младите и ранливите категории граѓани
- Општина Македонска Каменица ќе додели еднократна парична помош за учениците кои годинава за првпат седнаа во училишните клупи.
Македонска Каменица, 26 септември 2022 (МИА) - Општина Македонска Каменица ќе додели еднократна парична помош за учениците кои годинава за првпат седнаа во училишните клупи.
Градоначалникот на Македонска Каменица, Димчо Атанасовски најави дека парична поддршка ќе добијат и учениците во прва година гимназија, средства кои ќе им бидат исплатени наскоро.
- За таа цел во наредните две недели ќе биде објавен Повик за распределба на еднократна парична помош за првачиња во износ од 3.000 денари од ООУ „Св.Кирил и Методиј" и за средношколци запишани во прва година во СОУ „Миле Јаневски Џингар" во износ од 20.000 денари. Од 15 октомври 2022 година ќе биде објавен и Конкурсот за стипендирање на ученици и студенти, истакна Атанасовски.
Тој воедно најави дека годинава општината нема да набавува мобилни телефони за потребите на аднинистрацијата, туку средствата ќе ги искористи за поддршка на социјално-ранливите категории.
- Имајќи во предвид дека сме соочени со незапамтена енергетска и економска криза, донесовме уште една одлука во корист на граѓаните. Согласно Договорот за мобилни телекомуникациски услуги, Општина Македонска Каменица има можност за набавка на уреди, кои во сите изминати години до сега биле во вид на мобилни телефони распределувани на вработените од општинската администрација.
Оваа година ќе набавиме три телевизори за Детската градинка „Бамби" и таблети за ученици од социјално ранливи семејства, додаде Атанасовски.
Тој посочи дека ваквата пракса за поддршка на ранливите категории граѓани во услови на енергетска криза ќе продолжи и во наредниот период.вс/фф/