Општина Куманово апелира за внимателност поради зголемена опасност од пожари
- Општина Куманово ги повика граѓаните на зголемена претпазливост и одговорно однесување поради сериозната опасност од пожари во летниот период кои последните недели сѐ почесто се појавуваат во регионот. Од локалната самоуправа предупредуваат дека секојдневно се појавуваат опасни ситуации кои ја загрозуваат безбедноста на жителите, објектите и природата.
Куманово, 28 јули 2025 (МИА) – Општина Куманово ги повика граѓаните на зголемена претпазливост и одговорно однесување поради сериозната опасност од пожари во летниот период кои последните недели сѐ почесто се појавуваат во регионот. Од локалната самоуправа предупредуваат дека секојдневно се појавуваат опасни ситуации кои ја загрозуваат безбедноста на жителите, објектите и природата.
– Во изминатиов период, во кумановскиот крај се случија повеќе пожари од големи размери, за кои беше потребна интервенција на највисоко ниво и беа вложени натчовечки напори за нивно локализирање. Општина Куманово апелира до сите граѓани да бидат совесни, да не ја загрозуваат својата безбедност и да не предизвикуваат опасности во својата околина, информираа надлежните.
Општината ја повикува јавноста на соработка и заедничко делување во заштита на животната средина и колективната безбедност во летните месеци.
– Доколку забележат пожари во непосредна близина или било какви сомнителни реакции и движења на лица, кои би можеле да предизвикаат немили настани, да пријават на дежурните телефони 193 и 112, велат од Општина Куманово.
Од Општината потсетуваат дека сè уште е на сила забраната за палење отпад, сува трева, ниска вегетација, стрништа и други лесно запаливи материјали. ам/ра
Фото: МИА