• сабота, 20 јули 2024

Општина Делчево во групата општини со висока транспарентност

Општина Делчево во групата општини со висока транспарентност
Делчево, 18 август 2022 (МИА) - Општина Делчево повторно се најде во групата општини со висока транспарентност во 2022 година. Активната транспарентност, како што информираа од Општина Делчево, во 2022 година изнесува  88,6 проценти (од можни 100 проценти), со што трета година по ред се пласира во групата институции со „многу добра" активна транспарентност што значи исполнување на обврските од 80 до 100 проценти.
-Со овие бодови, општината се наоѓа на 23-та позиција од вкупно 98 рангирани институции или трета општина по транспарентност во Источниот регион.  Ова е нотирано од Центарот за граѓански комуникации во редовното годишно рангирање на институциите според Индексот на активна транспарентност, односно според проактивното објавување информации од јавен карактер во кое се вклучени 98 институции, односно Владата и сите министерства и општини, истакнаа од Општина Делчево.
Под активна транспарентност, како што појаснија, се подразбира објавување информации на сопствена иницијатива на институциите, без притоа некој да има доставено до нив барање за пристап до тие информации.
-Активната транспарентност на институциите е поделена во пет групи, во зависност од степенот на исполнетост на обврските. Институциите со 80-100 проценти  исполнетост се рангирани во групата „многу добра", оние со 60-80 проценти во групата „добра", институциите со 40-60 процентна исполнетост во групата „просечна", од 20-40 проценти исполнетост во групата „слаба" и од 0-20 проценти во групата „многу слаба" активна транспарентност, додадоа од општина Делчево.
Активната транспарентност освен од регулативата, како што дополнија, произлегува и од добрата практика, а институциите имаат обврски за проактивно објавување информации и од акциските планови во рамките на иницијативата за Отворено владино партнерство. вс/вј/

Остани поврзан