• петок, 22 ноември 2024

Општина Виница почна постапка за изработка на Интегриран локален развоен план

Општина Виница почна постапка за изработка на Интегриран локален развоен план

Виница, 18 март 2024 (МИА) – Општина Виница ја почна постапката за донесување нов Интегриран локален развоен план, во чии рамки денеска се одржа и првата стратешка работилница за изработка на планскиот документ што ќе се однесува на периодот 2024-2027 година.

На работилницата беше направена анализа на состојбите од неколку области што се во надлежност на Локалната самоуправа, а што треба да ги определат правците за идниот развој.

-На денешната прва работна средба беше формиран тимот кој ќе работи на изработката на планот, а учествуваа претставници од консултантската компанија СЕГ Холдинг од Скопје, вработени во општинската администрација, претставници од јавните претпријатија и установи, од приватни компании, како и од граѓански организации кои работат во општината. Интегрираниот локален развоен план треба да ги дефинира сите начини за одржливост на природните ресурси, за можностите да се обезбедат услови за зголемување на бројот на туристичките посети, како и за еден од најважните аспекти за нас, а тоа е задржувањето на населението, особено на младите и работоспособни луѓе, истакна Миле Петков, градоначалник на Виница.

Во наредниот период ќе се одржат уште неколку работни средби на кои подетално ќе се дефинираат главните насоки за локалниот развој, а планскиот документ треба да биде донесен во средината на оваа година.

Изработката на Интегрираниот локален развоен план се реализира во рамки на програмата „Зајакнување на општинските совети“, финансирана од Швајцарската влада преку Амбсадата на Швајцарија и македонското Министерство за локална самоуправа. Активностите ги кофинансира и спроведува УНДП во соработка со национални и локални партнери. та/мд/

фото: Општина Виница

Остани поврзан