• четврток, 21 ноември 2024

„Општествените правила“ на Миа и Влатко оживеани на скопските улици

„Општествените правила“ на Миа и Влатко оживеани на скопските улици

Скопје, 31 октомври 2024 (МИА) - Хрватската поп-ѕвезда Миа Димшиќ го објави спотот за темата „Општествени правила“ (Društvena pravila) - песна создадена во соработка со македонскиот виртуоз на гитарата, Влатко Стефановски.

Видеото е снимено во Скопје и зрачи со урбана естетика, којашто заедно со стиховите на Миа, поттикнува на размислување за општествените норми. Режијата е на Ива Чаиса од „Кроатија рекордс“ (Croatia Records), а зад камерата се најде и нашиот Александар Ристовски. Дамир Бачиќ е извршен продуцент на видеоспотот.

„Друштвена правила“ носи звук од три студија - „Вајт стоун продакшнс“ во Риека, „Кроатија рекордс“ во Загреб и студиото на Влатко Стефановски во Скопје.

- Снимањето на спотот во Скопје беше прилика добро да го запознаам градот, но пред сѐ - одлично се забавував. Со Ива Чаиса како режисерка и Александар Ристовски пред камерата, го изодев градот долж и попреку, а го посетив и студиото на Влатко Стефановски, кој се појавува на крајот од видеото. Македонците се прекрасни луѓе и се надевам дека во иднина ќе има повеќе можности за посета на Македонија. Горда сум на песната „Друштвена правила“ и се надевам дека овој спот ќе ѝ даде дополнителна димензија, изјави Миа.

Преку текстот и изведбата, пејачката, вели, храбро ги истражува површните непишани правила и предизвикот на конфронтирачките конвенции. Новиот сингл ѝ ја открива бунтовничката страна, истакнувајќи ги притисоците и цензурата со коишто многумина се соочуваат. си/са/

Фото: „Кроатија рекордс Македонија“ (Croatia Records Makedonija)

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан