Опозицискиот лидер Рахман по 17 години егзил се врати во Бангладеш
- Рахман е вршител на должноста претседател на Националистичката партија на Бангладеш и син на поранешната премиерка Халеда Зија. Тој беше пречекан на аеродромот во Дака од високи партиски лидери и роднини
Дака, 25 декември 2025 (МИА) – Опозицискиот лидер Тарик Рахман, заедно со неговата сопруга и ќерка, по 17 години егзил во Лондон денеска се вратија во Бангладеш
Рахман е вршител на должноста претседател на Националистичката партија на Бангладеш и син на поранешната премиерка Халеда Зија. Тој беше пречекан на аеродромот во Дака од високи партиски лидери и роднини.
Рахман (60) беше во егзил од 2008 година, а додека беше во странство, е осуден во отсуство по повеќе кривични обвиненија, вклучувајќи перење пари, корупција и наводна вмешаност во заговор за атентат врз неговиот политички ривал, поранешната премиерка Шеик Хасина. Неговата партија тврдеше дека пресудите биле политички мотивирани. По соборувањето на Хасина во август 2024 година, судовите ги поништија пресудите, отстранувајќи ги последните законски пречки за неговото враќање.
Рахман сега е подготвен да ја предводи Националистичката партија на Бангладеш на следните национални избори, што се закажани на 12 февруари, првото гласање по смената на Хасина.
Опозицискиот лидер во Дака е пречекан од стотици илјади поддржувачи. ми/
фото: ЕПА